MG го лансира својот Marvel R електричен знаменосец во Европа
MG Motors продолжува со својата офанзива на европскиот пазар со лансирањето на целосно електричниот SUV од C сегментот - новиот MG Marvel R Electric
MG Marvel R Electric беше најавен уште во март и требаше да дебитира во мај, но потоа поради пандемијата премиерата беше одложена за октомври, така што сега MG Motors конечно го носи својот електричен адут на европскиот пазар.
Станува збор за возило кое веќе се нуди на кинескиот пазар од 2020 година. Поточно, ова е редизајнирана верзија на Roewe Marvel X кој дебитираше во 2018 година. Стилот е идентичен со Rowe Marvel R, па така стандардните LED предни и задни светла и големите отвори за воздух делуваат модерно, во комбинација со типична SUV силуета.
MG Marvel R Electric во Европа ќе се нуди во три нивоа на опременост – Comfort, Luxury и Performance. Comfort и Luxury моделите ќе бидат опремени со два електромотори на задната оска, испорачувајќи 180 КС и 410 Nm. Ова ќе овозможува забрзување од нула до „стотка“ за 7,9 секунди и максимална брзина од 200 километри на час.
Performance верзијата добива поставка со три мотори, со тоа што е додаден и еден електромотор на предната оска за вкупна моќност од 288 КС и 665 Nm. Оваа верзија забрзува од нула до „стотка“ за 4,9 секунди, а ја задржува истата максимална брзина од 200 километри на час.
Сите европски MG Marvel R Electric модели ќе бидат опремени со 70 kWh батерија, нудејќи опсег на движење до 402 километри според WLTP за поставката со два електромотори, односно до 370 километри за Performance верзијата. Батеријата може да се наполни од 5 до 80 проценти за 43 минути со DC полнач.
Богата опрема како стандард
Од MG велат дека кабината се одликува со премиум материјали и богата опрема. Капацитетот на багажникот изнесува 357 литри со дополнителни 150 литри напред. Џиновскиот 19,4-инчен екран на допир доминира на централната конзола во кој е инкорпориран MG iSmart инфозабавниот систем, во комбинација со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер.
Како дел од стандардната опрема се нуди и двозонски клима-уред, 4 USB портови, панорамски сончев покрив и делумно кожен тапацир. Luxury и Performance нивоата нудат и 360-степена камера, амбиентално осветлување, греење на седиштата и Bose премиум аудио систем. Кога станува збор за безбедноста, MG Pilot пакетот вклучува 14 системи.
На европскиот пазар, MG Marvel R ќе има почетна цена од 39.990 евра за Comfort нивото на опременост. Luxury ќе чини 43.990, а Performance ќе се продава по цена од 47.990 евра.