fbpx

Минхен: BMW i Vision Circular е иновативен концепт за иднината

Баварскиот автомобилски гигант BMW продолжува да ги поместува дизајнерските граници со новиот одважен концепт кој го замислува градскиот транспорт во 2040 година

На Меѓународниот Салон за автомобили во Минхен BMW го претстави својот најнов концепт наречен BMW i Vision Circular, кој треба да претставува увид во градската мобилност за две децении. Компактниот електричен автомобил со четири седишта добива редизајнирани предни „бубрези“ во кои се вградени фаровите, како на класичните BMW модели и најавува дека препознатливата решетка може да се користи за да се прикажуваат разни графики во иднина.

BMW i Vision Circular

Електричниот концептен автомобил се одликува со еден вид на „дигитална“ површина со аголна „монобокс“ форма на телото кое е финиширано во светло-златен анодизиран алуминиум наместо класична фарба, но вистинскиот фокус кај BMW i Vision Circular е во одржливоста, а не дизајнот.

Рециклирачко решение за градските автомобили

Создаден за да ги прифати четирите еколошки филозифии на BMW – Re:Think, Re:Duce, Re:Use и Re:Cycle – целиот автомобил е направен од рециклирачки материјали, а кон крајот на својот животен век моделот може целосно да биде рециклиран, вклучително и батеријата.

BMW верува дека начинот на кој се прави автомобилот е подеднакво важен како и емисиите кои ги испушта, па поради тоа сака да достигне климатска неутралност преку животот на возилото. Планира да го направи тоа не само со замена на моторите на внатрешно согорување, туку и со фокус на материјалите и производството. Компанијата аска да достигне намалување на емисиите за време на животниот циклус на возилата за 40 проценти до 2030 година.

BMW i Vision Circular Concept

Металните компоненти ќе бидат направени од рециклирани алуминиум и челик, а батеријата ќе се произведува од рециклирани материјали кои ќе можат повторно да бидат користени кон крајот на животниот век на автомобилот.

Пневматиците се направени од сертифицирана, одржлива природна гума и вклучува обоени рециклирани гумени честички кои додаваат сила и креираат карактеристичен изглед. Освен ова, BMW вели дека возачите ќе можат да ја испратат вишокот енергија назад во мрежата од батеријата на возилото. Оваа car-to-grid способност е токму она што можеме да го очекуваме во електричните возила на BMW во престојните години.

BMW i Vision Circular

Ентериер фокусиран на одржливоста

Во ентериерот доминира нешто што наликува на огромен скапоцен камен кој доминира на контролната табла и користи светлосни ефекти за да го покаже функционирањето на автомобилот. Кабината, која се истакнува со недостатокот на видливи екрани, ги отфрла и традиционалните инструменти за head-up екран на долниот дел од предното стакло.

Патниците ќе седат на седишта направени од рециклирани материјали кои не можат да изгледаат поразлично од нешто што досега го нудел BMW M одделот, додека правоаголниот управувач е 3D печатен од биолошки материјали.

Иако BMW i Vision Circular е вистински концепт, наместо „обичен“ шоу автомобил кој „неочекувано“ следната година ќе се појави како продукциско возило, сепак се очекува голем дел од овие одржливи идеи да се најдат во производите на баварскиот гигант во годините кои следуваат.

Поврзани вести

Back to top button