Мини-хеч драг трка
Со комбинирана моќност од околу 250 коњски сили, најмалиот GTI против спортската изведба на јапонскиот Swift
Драг трките се секогаш интересни и забавни. Навистина уживаме гледајќи го двобојот помеѓу екстремно брзите супер автомобили, како и спортските модифицирани изведби на секојдневните модели, кои со своите перформанси нè оставаат без зборови. Но, што е со најмалите хеч-модели?
Дечките од Top Gear овој пат решија да не изненадат со еден несекојдневен драг токму помеѓу овие модели. На стазата се наоѓа Volkswagen Up GTI, коj претставува најмалиот GTI и во овој случај е нешто помалку моќен од својот противник. Опремен со 1.0 литарски три-цилиндерски мотор кој испорачува моќност од 113 коњски сили и максимален вртежен момент од 200 Nm, малиот Up од 0 до 100 километри на час забрзува за 8,8 секунди.
Неговиот ривал пак, претставува спортската изведба на јапонскиот модел од Б класата, мини-хечот Swift. Под неговата хауба се наоѓа 1.4 литарскиот турбо мотор, кој има излезна моќност од 138 коњски сили и вртежен момент од 230 Nm, со што забрзувањето од 0 до 100 километри на час му е за 8,1 секунди. Со ова тој е побрз од својот противник за 0,7 секунди, при што максималната брзина му изнесува 209 km/h, наспроти тие 196 km/h на Up.
Според сето ова, Swift дефинитивно има превласт. Но, сепак не треба да го заборавиме фактот дека малиот германец со своите 970 килограми е нешто полесен од Swift, кој има тежина од 1070 килограми. Дали ова ќе е пресудно, има само еден начин да дознаете.