Mini може да биде целосно електричен во 2030
Поради ригорозните промени во законите за издувните емисии во поголемите градови, Mini размислува за целосна електрификација на својата гама
Со Mini Cooper SE, британско-баварскиот производител го претстави својот прв производствен електричен автомобил само пред неколку дена. Сега, според членот на одборот на BMW, Mini наскоро може да прави само електрични автомобили.
Во интервју за Autoexpress, Питер Шварценбауер, член на управниот одбор на BMW одговорен за Mini, даде индикации за плановите за електрификација на компанијата.
„За Mini, моделот Countryman како plug-in хибрид беше првиот потег, прифатеноста е поголема од тоа што ние очекувавме и покажува дека електрификација за Mini е вистинскиот начин. Чекор по чекор целосно ќе ја електрифицираме линијата на Mini“, објасни Шварценбауер.
Компанијата очекува дека зголемените промени во законодавството во поголемите градови во светот ќе ја намалат продажбата, а ќе го зголемат интересот на потрошувачите за електричните возила. Споени заедно, овие фактори може да доведат до целосна електрификација на брендот.
Шварценбауер откри дека бил изненаден од побарувачката за новиот електричен Mini, за кој веќе има 40.000 заинтересирани. Новиот Mini Cooper SE позајми многу технологија од BMW i3s, но нуди попријатен дизајн од футуристичкиот BMW.