Mini поради Brexit ја одложува новата генерација на моделите
Напуштањето на ЕУ од страна на Обединетото Кралство, ќе предизвика големи последици кај домашната автомобилска индустрија
Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, од 1 февруари годинава, по 47 години официјално е надвор од Европската унија. Ова е првата земја која се одлучи на таков чекор, а оваа одлука на Британците ќе има сериозна последица и врз домашната автомобилска индустрија. Голем број компании, меѓу кои и Mini, ги прилагодуваат своите планови со цел да ги намалат своите губитоци што е можно повеќе, но ќе дојде и до намалување на работните места и затварања на некои фабрики. На пример, на таков чекор се одлучи Honda која ќе ја затвори фабриката во Свиндон кон крајот на 2021 година, додека Jaguar Land Rover за крајот на оваа година најави привремено затворање на три фабрики за автомобили и фабрика за мотори.
Ford, Rolls-Royce и Aston Martin изразија загриженост поради негативното влијание кое се очекува по Brexit, а сега уште еден производител на автомобили ги објави деталите за тоа како одвојувањето на Обединетото Кралство од заедничкиот европски пазар ќе влијае на неговото работење.
Портпаролот на Mini, бренд кој е во сопственост на BMW, изјави дека производниот циклус на актуелната генерација на моделот и марката ќе биде продолжен во однос на просечниот животен век на моделот кој во денешната авто индустрија се движи околу шест години. Како што е објаснето, до ова ќе дојде поради Брегзит, но и потребите на компанијата да ги намали трошоците на работењето.
BMW групацијата започнува со штедење
Имено, BMW групацијата сака да заштеди 12 милијарди евра до 2022 година, преку кратење на трошоците за развој на нови модели и намалување на палетите на мотори и менувачи за своите возила. Автомобилските аналитичари проценуваат дека развојот на нови механички платформи на некој од производителите во просек чини околу милијарда евра. Постоечките автомобили исто така треба да се прилагодат за да ги исполнат се построгите прописи за емисија на гасови, со што дополнително се зголемуваат трошоците за производителите на автомобили.
Дополнително оптоварени со вложувањата во развојот на електрични возила, автомобилските компании мораат да се прилагодат за да останат профитабилни на се попредизвикувачкиот пазар. Годината која е зад нас не беше баш сјајна за Mini, со оглед на тоа дека продаде 346.639 автомобили со намалување од 4,1% во однос на 2018. Особено лош беше декември 2019 година, кога беше забележан пад од загрижувачки 17,7 проценти во споредба со истиот месец во 2018 година.
Почетокот на 2020 донесе извесен оптимизам, бидејќи Mini соопшти дека речиси 80.000 потенцијални купувачи покажале интерес за електричен модел на овој бренд, но останува да се види колку од нив на крајот ќе одлучат автомобилот навистина и да го купат.