Mission X е новиот ЕВ концепт за хиперавтомобил на Porsche
Porsche Mission X е потенцијален наследник на 918 Spyder и има карбонска каросерија и двојно поголема потисна сила од 911 GT3 RS
Пред една деценија, хибридниот Porsche 918 Spyder беше еден од трите нови хиперавтомобили кои докажаа дека електрификацијата е многу повеќе од економичност. Сега Porsche го откри потенцијалниот наследник кој целосно се потпира на електричната енергија.
Наречен Mission X, новиот модел засега официјално е само концепт. Но, кога станува збор за Porsche, работите се малку поинакви, пред се бидејќи автомобилот изгледа подготвен за изложбен салон, па дури и формулациите во изданието на компанијата силно сугерираат дека сериската верзија ќе се најде во продажба пред крајот на оваа деценија.
На Porsche е потребен „знаменосец“ за да го задржи својот имиџ како лидер во перформансите, а програмските цели на Mission X јасно покажуваат дека ќе ги следи стапките на 918 и Carrera GT пред него. Врвната цел е да биде најбрзиот улично легален сериски автомобил околу Нирбургринг Нордшлајфе, што значи да се победи времето од 6:35.183 кое го постави Mercedes-AMG One минатата година.
Како ќе ја постигне таа цел е навестено во следните две цели на мисијата. Една од нив е да се испорача „значително“ поголема потисна сила од сегашната 911 GT3 RS, за која Porsche вели дека нуди 860 кг при 285 километри на час. А другата е да поседува сооднос сила-тежина од приближно 1 КС по килограм.
Ниту актуелните електрични хиперавтомобили кои се на врвот, Rimac Nevera и сродниот Pininfarina Battista не се приближуваат до тој сооднос, со тоа што секој од нив има околу 1.926 КС за да ја надомести нивната максимална тежина од 2.042 килограми. Не знаеме дали Mission X ќе биде моќен како тие автомобили, но можеме да бидеме сигурни дека ќе биде многу помалку тежок. Некои европски медиуми тврдат дека ќе има 1.521 КС, што би ја ставило максималната тежина на неверојатно ниски 1.521 килограми.
Без детали за погонот
Со должина од 4.596 мм, широк 1.999 мм и висок 1.199 мм, Mission X е пократок, но поширок и повисок од стариот 918 Spyder. Меѓуоскиното растојание од 2.728 милиметри е речиси идентично, но визуелно тоа е многу различен автомобил со многу различни дизајнерски елементи. Највпечатливите од нив се големата лесна купола што се протега над возачот и совозачот и вратите во стилот на Ле Ман автомобилите.
Внатре, наоѓаме спортски седишта од карбон со различни бои за совозачкото и возачкото место за да биде јасно кој управува со оваа „ѕверка“, повеќе камери за снимање на дејствијата и опционален модул за стоперката со аналоген и дигитален дисплеј.
Надвор од односот моќност и тежина и фактот дека неодредената батерија седи зад седиштата, исто како и во новиот електричен 718 Cayman, не се познати многу детали за погонската единица, пред се бројот на мотори кои ќе ги користи. Но, Porsche откри интересни информации, откривајќи дека електричната архитектура од 900 волти ќе му овозможи да се полни двојно побрзо од сегашниот Porsche Taycan, кој и самиот веќе го има едно од најбрзите полнења во светот.