Моќниот Jaguar F-Type отсега достапен и во Македонија
Темелно освежената генерација на спортскиот Jaguar F-Type конечно пристигна и на нашиот пазар, а ние ви го пренесуваме преку нашиот објектив
Jaguar F-Type е спектакуларен спортист во купе варијанта на британскиот производител, кој сега пристигна и во Македонија. Авто Плус имаше можност да се запознае одблиску со моќниот автомобил, а она што го забележавме ви го пренесуваме во прилог. Јасно, со својот атрактивен изглед, автомобилот привлекува огромно внимание, таков беше случајот и во продажниот салон на Jaguar Land Rover во Скопје, каде посетителите со воодушевување го гледаа, а „долета“ и коментар дека „ова е најголемиот фраер на Балканот“.
Перјаницата на Jaguar кога станува збор за спортските автомобили несомнено плени со својот изглед. Освежениот F-Type пристигнува со поелегантни и спортски линии, нов мотор и најнапредни технолошки системи. Најголемите промени се однесуваат на предниот дел, каде се забележливи дизајнерските премиси од поновите модели на британската марка. Тука се новите светла, модифицираната маска и хаубата, а благ редизајн доживеа и задниот дел.
Во внатрешноста се наоѓа најновиот Touch Pro инфозабавен систем, заедно со 12,3-инчната дигитална инструмент табла. Основната верзија е 2,0-литарски турбо четирицилиндричен мотор со 300 КС. По него следува 5,0-литарскиот V8 агрегат кој испорачува 450 КС и 580 Nm, кој доаѓа со осумстепен автоматски менувач, а како опција се нуди и погон на сите четири тркала. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 4,6 секунди, а максималната брзина е 285 километри на час. Токму овој модел имавме шанса да го „уловиме“ и фотографираме во продажниот салон на Jaguar Land Rover, со тоа што конкретниот модел се нуди со погон на сите четири тркала и R-Dynamic ниво на опременост. Овој Jaguar F-Type кој е изложен во продажно-изложбениот салон на Jaguar Land Rover во Скопје се продава по цена од 162.011 евра
За повеќе информации посетете го официјалниот веб сајт на Jaguar во Македонија.