fbpx

Моќниот Hoonitruck во десеттото издание на Gymkhana

Со Ford GT перформанси, лудиот F-150 Hoonitruck има моќност од неверојатни 941 коњски сили кои се испорачуваат на сите четири тркала

Ова претставува новиот автомобил на легендарниот Кен Блок, со кој ќе ја одигра главната улога во престојното десетто издание на серијалот Gymkhana, односно Gymkhana Ten. Првото издание на Gymkhana беше снимено пред 10 години каде тој го возеше моделот од 2005 Subaru Impreza WRX STI.

Во понатамошните изданија, тој промени разни возила меѓу кои спаѓаа 2008 Subaru Impreza WRX STI, 1978 Ford Escort Mk2 RS, 2013 Fiesta ST RX43, 2012 Ford Fiesta HFHV, 2011 Ford Fiesta и The Hoonicorn-Mustang од 1965 година. Минатогодишното, односно деветото издание на Gymkhana, тој го извозе со 2016 Ford Focus RS RX.

Оваа година тој се одлучи да ги прескокне класичните Rallycross автомобили, при што се одлучи за нешто невообичаено и неочекувано за ваква намена, пикап камион.

Тој го одбра Ford F-150 од 1977 година во чест на својот покоен татко, кој за прв пат го научил Кен да вози на токму еден ваков автомобил. Нормално, овој F-150 е далеку од тој класичниот модел од седумдесетите. Погонуван е со специјално модифициран Ford Performance V6 EcoBoost мотор, по програмата на Ford Racing’s GT Le Mans.

Овој мотор испорачува моќност од неверојатни 941 коњски сили со 7.400 вртежи во минута, кои се пренесуваат до сите четири тркала преку 6-степениот менувач на Sadev. Што се однесува до звукот, најавено е дека Hoonitruck ќе звучи како ниеден автомобил претходно на Gymkhana.

Овој автомобил наликува на претходниот Hoonicorn Mustang, а бил модифициран во Detroit Speed shop во близина на Моресвил во Северна Каролина.

Промени биле извршени на шасијата и каросеријата, додека пак целокупниот стил и дизајн се дело на Кен и неговата екипа од Hoonigan. Кен изјави дека на овој проект работи веќе две години и е презадоволен од досегашниот резултат како и од изгледот и уникатноста на ова возило, така што едвај чека неговите фанови да го видат со него во акција.

Уникатниот Hoonitruck ќе биде официјално претставен на побликата на Sema Show кое ќе се одржи наредна недела во Лас Вегас. Десеттото издание на Gymkhana прво ќе биде прикажано ексклузивно на Amazon Prime на 7ми декември, додека пак на Youtube каналот на Hoonigan ќе се појави на 17ти декември.

Поврзани вести

Back to top button