fbpx

Најчудните автомобили во Женева!

На секој автомобилски салон можете да видите чудни автомобили, каде помалку, каде повеќе, но Женева секогаш била во врвот кога е во прашање оваа тема

Во Палекспо традиционално изложуваат бројни мали компании, а некои од нив со доста збунувачки примероци?!

Но, да тргнеме по ред. Прва на списокот е Corbellati Missile, која би требало да биде најбрзиот автомобил на планетава, која ќе достигне 500 km/h? Италијанското семејство Корбелати е убедено во ова, ама моделот не го кажува тоа, барем според дизајнот. До пред некое време тие правеле дополнителни елементи за врвните производители на спортски автомобили, а со оваа изведба велат дека „ќе ги предизвикаат“ сегашните лидери на ова поле, Bugatti и Koenigsegg, чии ѕверки достигнуваат над 450 km/h.

Женева

Зошто експертите го вбројуваат во чудни возила? Па, ако го погледнете – дизајн од 60-тите години, несфатливо и нерамномерно оформена каросерија, испакнати браници и калници, LED дневни светла како кинески кросовер. Господине Корбелати, ова нема шанси да биде најбрз автомобил на светот? Во компанијата велат дека секој има право на свој сон, затоа амбициозните Италијанци ангажираа во развојот на автомобилот врвни специјалисти за да работат на оптимална аеродинамика и врвна моќност на моторот.

Женева

Така се појави карбонска шасија со карбонски панели на каросеријата и 9.0-литарски V8 мотор со два турбополначи и моќност од 1.800 коњи. Со интерес, ќе ги пратиме обидите на Корбелати да ги докаже своите зборови со дела и сонот да го претвори во јаве.

Втор на листата е Sin S1.

Овој модел е од британската компанија Sin Cars во сопственост на бугарскиот Росен Даскалов. Но, не е точно дека автомобилот е толку чуден. Сепак, тоа е концепт, прототип и кога ќе биде целосно готов автомобилот ќе изгледа многу поинаку. Од компанијата велат дека не треба да се донесуваат однапред погрешни впечатоци, бидејќи надворешните панели можат да бидат различни во зависност од вкусовите на клиентите – односно на шасијата може да се надградат какви сакате каросерии по принципот на конструкциите на Lego.

Женева

Тоа секако ќе влијае и на аеродинамиката, бидејќи сега облиците се дизајнирани да имаат голем ефект за време на брзо возење. Моторите исто се избираат по принципот на конструкторот, поаѓајќи од можностите и потребите на клиентот – електрични, хибридни или два вида бензински.

Женева

Натаму следи Eadon Green Zeclat.

Во автомобилската индустрија, флертувањето со ретро е исполнето со опасност да создаде нешто смешно, а ова е типичен пример за тоа?! Еве ова купе во ретро стил изгледа впечатливо, но сепак чудно, бидејќи се обидува да предизвика носталгија по раскошните француски автомобили од 30-тите години на минатиот век (Figoni & Falaschi, Bugatti, Chapron), на каросерија на современ Chevrolet Corvette.

Женева

Компанијата не прави прв пат ваков автомобил, бидејќи на минатогодишниот салон во Женева креаторите на Zeclat го покажаа неговиот претходник со името Black Cuillin. Тој автомобил имаше V12 мотор, а сега V8. Моторот на новиот купе, како и ентериерот е преземен од Corvette. Се работи за 6.2-литарски мотор со фабрички моќност од 460 КС, а ентериерот е дополнет со извонредна шкотска кожа. Каросеријата е од карбон, композити и алуминиум и е ставена на преработени шасија на донаторот, поради што автомобилот стана полесна и забрзува од нула до 100 km/h за 3,7 секунди.

Добредојдовте во иднината!

Транспортер кој не бара присуство на возачот и е наменет за удобно пренесување на патниците. Концептот е наречен Icona Nucleus и е со должина 5,25 и широчина над 2 метри, а може да превезува шест лица, кои седат во кафе-фотелји. Нема управувач, педали и други глупости, кои се целосно непотребни при најавеното највисоко петто ниво на автономија. Проверката на ова тврдење се уште не е можна, како и присуството на 600 коњи моќност и 1.000 километри автономија. За среќа, такви изведби уште долго нема да се појават на патиштата, но присуството на автомобилските салони е можно, а и „чудните приказни“ за него.

1 | Женева
2 | Женева

    Кинеските иноватори од компанијата Techrules не за прв пат претставуваат во Женева необични, па дури и луди тркачки конструкции со хибридни и елетрични мотори. Овој пат тие ја претставија тркачката верзија на моделот Ren, која изгледа неверојатно чудно. На масивниот преден дел на каросеријата е монтиран мал лост, кој се крева напред и нагоре и му остава на возачот тесен отвор низ кој некако треба да се протне во кокпитот.

    1 | Женева
    2 | Женева

      Надворешните панели се направени од јаглеродни влакна и се опремени со најелегантни доводи за воздух. Најчудната работа за овој тркачки автомобил е нејзината маса. Замислете 1.854 килограми на патеката! Забрзувањето до стотка би требало да биде неверојатно лесно и кул, поради 1.305 „коњчиња“ и 7.722 Nm вртежен момент, за само 3 секунди, а максималната брзина е 330 km/h. Интересно е колку километри еден толку тежок и моќен автомобил може да помине на патеката, со оглед дека капацитетот на батеријата му е 28,4 kWh, што е речиси три пати помалку од оној на Tesla. Браво за Кинезите секогаш може да не изненадат!

      Меѓутоа, тешко е слична продукција да биде наречена хармонична, како од естетска, така и од техничка гледна точка.

      Поврзани вести

      Back to top button