NAMX го покажа својот уникатен SUV дизајниран од Pininfarina
Компанијата NAMX е автомобилски стартап кој има за цел својата патентирана технологија за водороден погон да ја претстави со моделот HUV кој е дизајниран од Pininfarina
Автомобилскиот стартап NAMX ја претстави концептната верзија за својот прв автомобил. Нивниот SUV со погон на водородни горивни ќелии е опишан како „HUV“, одликувајќи се со ексклузивна технологија и со дизајн од прославената дизајнерска куќа Pininfarina.
Во секој случај, продукциската верзија на автомобилот се уште е неколку години оддалечен и нема да пристигне на пазарот до 2025 година, но од NAMX најавуваат дека нивниот автомобил на почетокот ќе се нуди во две нивоа на опременост. Првиот, базичниот модел, ќе биде со погон на задните тркала и ќе испорачува 300 КС. Забрзувањето од нула до „стотка“ би требало да го достигнува за 6,5 секунди, додека максималната брзина би изнесувала 200 километри на час.
Од друга страна, GTH верзијата ќе понуди погон на сите четири тркала и моќност од 550 КС. Оваа верзија ќе може да достигне максимална брзина од 250 километри на час и од нула до „стотка“ ќе забрзува за 4,5 секунди. Цените на овие модели ќе се движат од 65.000 до 95.000 евра.
Патентирана технологија
Вистинскиот и главен трик на HUV се наоѓа во внатрешноста на возилото каде што се складира горивото. Патентираната технологија на NAMX комбинира фиксен резервоар за водород и шест дополнителни отстранливи капсули кои ќе се користат како секундарни резервоари. Стартапот ветува дека ова ќе му овозможи на возилото опсег на движење од 800 километри. Исто така, има намера да создаде дистрибутивна мрежа за своите отстранливи капсули.
Овие резервоари беа главна грижа и за Pininfarina која мораше најпрво да се погрижи нивната употреба е интегрирана во дизајнот на возилото. Сепак, покрај тоа, од Pininfarina откриваат дека работеле со NAMX за да се осигураат дека HUV е возило од следната генерација кое нема да загуби допир со минатото.
Заедно со помош на Pininfarina, автомобилскиот стартап го водат група ветерани од автомобилската индустрија со искуство во компании како Matra, Renault и други. Развојот на HUV треба да започне во 2023, а моделот ќе го има своето физичко деби на Салонот за автомобили во Париз оваа есен.