Наследникот на Aventador ќе добие сосема поинаков дизајн
Lamborghini Aventador од своето деби, па се до денес, се избори за статус на „знаменосец“ во понудата на италијанската компанија, а неговиот наследник ќе пристигне во 2023
Кога Sian FKP 37 дебитираше во септември 2019 година, многумина помислија дека дизајнот на првиот хибриден продукциски модел на Lamborghini е најава за замената на Aventador. Кратко по ова дизајнерскиот шеф Митја Боркерт откри дека стајлингот на електрифицираниот Sian не е претставка за изгледот на идниот знаменосец на италијанскиот производител.
Слична е приказната и со неодамна претставениот Ultimae модел, кој е всушност многу поблиску со својот изглед и стајлинг до Aventador отколку Sian FKP 37. За многумина, овој модел е најава за иднината на суперавтомобилот со V12 мотор, како што Reventon беше тизер за Aventador кој беше претставен во 2008 година. Но, сепак изгледа дека тоа нема повторно да биде случај, бидејќи извршниот директор Стефан Винкелман истакна дека следниот адут на Lamborghini ќе изгледа сосема поинаку.
„Ultimae е дизајн кој произлегува од традицијата на Aventador. Она што ќе следува ќе биде нешто сосема поинакво, слично како што беше случајот со преоѓањето од Murcielago на Aventador“, изјави првиот човек на италијанската компанија за британски Autocar.
Лансирањето е официјално потврдено за 2023 година, а новиот суперавтомобил ќе се напојува со целосно нов V12 мотор кој ќе има електрифициран погон. Нема да биде plug-in хибрид како Asterion концептот од 2014 година, ниту пак ќе ја наследи технологијата од Sian FKP 37. Инаку, поставката на Sian ќе биде искористена за целосно посебен автомобил со V12 мотор кој ќе дебитира ова лето, веројатно како специјална едиција.
Можеби пуристите ќе бидат разочарани околу плановите на Lamborghini за хибридизирање на моќнот мотор, но не постои друг начин за да се зачува V12 агрегатот и да се пресретнат се построгите регулации за емисии.