Необичен краш тест во Кина, Li Auto i8 во директен судир со камион

Кинескиот производител на електрични возила Li Auto привлече огромно внимание со необична и екстремна демонстрација на безбедноста – фронтален судир помеѓу нивниот нов електричен SUV i8 и тешкотоварен камион. Видеото од тестот, наместо класични лабораториски услови, прикажува директен удар со камион од 8 тони, што предизвика шок кај гледачите и бурни реакции во автомобилската индустрија.
Фронтален удар со 8-тонски камион
За време на официјалното претставување на i8, Li Auto прикажа видео во кое троредниот електричен SUV (тежок околу 2,6 тони) удира со брзина од 60 км/ч во камион кој се движи со 40 км/ч. И покрај огромната разлика во тежината, SUV-то ја задржа својата структура – A и B столбовите останаа недеформирани, сите девет воздушни перничиња се активираа, вратите автоматски се отклучија, а батерискиот пакет остана неоштетен и без ризик од пожар.
Маркетинг трик или вистински тест?
Токму драматичните сцени од камионот – чие возило при ударот се наклони напред и речиси се одвои од шасијата – го поттикнаа производителот Dongfeng Liuzhou Motor да излезе со остар одговор. Компанијата, чија марка Chenglong го произведува камионот користен во тестот, на 1 август објави дека ќе разгледа правни чекори против Li Auto, обвинувајќи ја за „сериозно нарушување“ и за создавање погрешна слика која не ги одразува реалните патни услови.
Li Auto се брани – камионот бил само „мобилна бариера“
Li Auto реагираше со појаснување дека тестот го спровел државниот China Automotive Engineering Research Institute (CAERI), и дека камионот бил купен како половно возило само за да служи како „подвижна пречка“. Компанијата нагласи дека немале намера да го доведат во прашање квалитетот на камионите на Dongfeng и дека изборот на возилото бил единствено поради неговата тежина.
Контроверзија што ќе се памети
Иако CAERI потврди дека тестот бил „нестандардна симулација“ без цел да се проценува конкурентен производ, видеото веќе стана вирално и ја подели јавноста – за некои ова е револуционерна демонстрација на безбедност, а за други чисто маркетиншко шоу на сметка на конкурент.