fbpx

NIO ги носи своите ЕВ и технологија за менување батерии во Европа

NIO официјално ќе биде лансиран во Норвешка, а скандинавската држава ќе биде првиот европски пазар за кинескиот производител на електрични автомобили

Компанијата NIO наскоро ја започнува својата европска експанзија. Првата држава каде ќе ги понуди своите услуги е Норвешка, каде електричните возила уживаат најголема популарност. Кинескиот производител на електрични автомобили најави дека по скандинавската држава ќе следуваат уште пет земји каде ќе ги лансираат своите автомобили и услуги до крајот на 2021 година.

Кинеската марка, која е оформена во 2014 година, е најпозната по својата технологија за менување батерии. Благодарение на ова, купувачите наместо да ги полнат батериите, можат да ги заменат истите за само неколку минути и да продолжат со секојдневното користење на возилото.

Европското лансирање на NIO е најавено уште од 2019 година. Брендот има намера да ја етаблира својата целосна линија на производи на европскиот пазар. Покрај тоа што ќе го понуди целосниот опсег на ЕВ, посветеноста на NIO вклучува и развој на инфраструктура потребна за таквите автомобили.

Основачот и извршен директор на NIO, Вилијам Ли, објасни дека компанијата отсекогаш имала глобален фокус. „Ние оперираме со нашиот дизајнерски центар во Минхен уште од 2015 година, имаме перформансен тим во Оксфорд и го имаме нашиот софтверски тим во Сан Хозе во Силиконската долина во Калифорнија. Во моментов вработуваме повеќе од 9.000 лица од 45 држави. Ние први влеговме на пазарот во Кина. Сега ќе ги претставиме нашиот бренд и нашите производи во Европа“.

Компанијата во Норвешка ќе дебитира со ES8. Станува збор за електричен SUV кој е знаменосец во понудата на кинеската компанија. Се одликува со поставка од два електромотори, погон на сите четири тркала и три големини на батериите. Најголемата има капацитет од 100 kWh и нуди опсег на движење од 580 километри според NEDC во идеални возачки услови. ES8 има моќност од 652 КС и 840 Nm, а спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за 4,4 секунди. Нарачките за ES8 ќе бидат отворени од јули оваа година, а испораките започнуваат во септември.

По ES8 ќе пристигне целосно електричниот ET7 седан, кој се очекува во 2022. Исто како и ES8, така и ET7 е достапен во три батериски конфигурации. Најголемата, 150 kWh батерија, нуди опсег на движење од околу 1.000 километри. Возилото се одликува со 653 КС и 850 Nm. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3,9 секунди.

NIO

NIO исто така ќе ги претстави своите технолошки можности со претставување на својата позната Power Swap технологија која овозможува батериите да се заменат автоматски за само три минути. Четири станици со ваква технологија се планирани да бидат оперативни до крајот на 2021, а уште повеќе ќе пристигнат во 2022, со што ќе се креира мрежа од пет градови ширум земјата. NIO исто така ќе изгради и своја мрежа на суперполначи кои ќе ја покријат цела Норвешка.

NIO

Продажбата на NIO автомобилите ќе се одвива онлајн, а купувачите ќе ги купуваат возилата преку NIO апликацијата или директно на вебсајтот. Сепак, од NIO велат дека нивните „лајфстајл локации“ ќе го покријат аспектот на офлајн дистрибуција. NIO исто така ja конструира и својата прва NIO House надвор од Кина. Лоцирана во Осло и предвидена за отворање ова лето, NIO House е специјално место за средба за NIO корисниците и фанови на брендот.

Кинескиот производител планира исто така да ја интегрира својата технологија во домашни услови. NIO ќе им понуди на европските купувачи решенија за полнење во домашни услови. Компанијата планира да се позиционира како вистински премиум конкурент. Поради тоа, ќе понудат „on-demand“ услуги преку NIO апликацијата.

Поврзани вести

Back to top button