fbpx

Nissan Z официјално најавен преку тизер видео

Nissan објави тизер видео со кое најавува 12 нови и редизајнирани модели за следните 18 месеци, а меѓу нив и долгоочекуваниот Nissan Z

По 12 години од лансирањето на 370Z, Nissan конечно ја најави замената на моделот за следниот период преку тизер видео. По големиот број рендери и шпекулации, се очекуваше и официјална потврда дека моделот Z ќе добие нова генерација. Nissan на својот YouTube профил објави видео под наслов Nissan Next: A to Z со кое најавува 12 нови и редизајнирани модели кои ќе ги претстави во следните 18 месеци. Еден од нив ќе биде наследникот на 370Z, а во ова видео Nissan токму на својот нов модел Z му посвети најголемо внимание.

Според изгледот и силуетите на автомобилите, Nissan направи тизер најава за идните верзии на моделите Armada/Patrol, Frontier, Kicks, Murano, Navara, Note, Pathfinder, Qashqai, Rogue/X-Trail и Terra. Деталите за наследникот на Nissan 370Z се уште не се објавени од страна на јапонскиот производител, но според некои шпекулации, моделот ќе биде наречен 400Z. Наводно, овој автомобил ќе го позајми 3,0-литарскиот V6 twin-turbo мотор од Infiniti Q60 Red Sport 400, кој произведува најмалку 400 КС. Nissan најверојатно ќе остане достоен на својот погон на задните тркала, а ќе понуди и мануелен и автоматски менувач за да ги задоволи и двете страни.

Nissan Z

Nissan најави 12 модели за следните 18 месеци

Според некои информации, дизајнерите на новиот Z модел ќе се потпрат на класичниот модел 240Z, а според видеото, јасно може да се забележи дека станува збор за исклучително аеродинамичен автомобил со ниско поставен покрив. Купувачите ќе можат да бираат само купе верзија која подразбира две седишта, но не е исклучена можноста понудата подоцна да биде проширена и со роудстер верзија.

Како што напоменавме, покрај Z моделот, Nissan прикажа и уште неколку интересни модели во видеото. Тука е сериската изведба на неодамна претставениот Ariya концепт. Станува збор за електричен кросовер, кој ќе нуди автономија од 480 километри со едно полнење на батериите, а од нула до „стотка“ ќе забрзува повеќе и од спортскиот Z модел.

Интересно е дека меѓу новитетите кои се најавуваат од страна на Nissan во ова видео не може да се забележи GT-R, па веројатно овој автомобил нема да добие свој наследник, иако е постар од моделот Z. Како и да е, новата понуда на Nissan дефинитивно ветува и очекуваме наскоро да ги видиме сите новитети на јапонскиот производител.

 

Поврзани вести

Back to top button