Нов Jaguar E-Type Unleashed рестомод со V12 мотор
Британската компанија по име E-Type UK ја претстави својата модерна изведба на Jaguar E-Type Series која пристигнува со моќен V12 мотор
Компанијата E-Type UK, која е специјализирана за Jaguar E-Type, го претставува својот бренд Unleashed, кој во својата понуда ќе има нови E-Type модели со модерни перформанси и удобност, задржувајќи речиси се што оваа класика би требало да претставува. Овој рестомод пристигнува со V12 мотор базиран на 5,3-литарска единица која е зголемена да има зафатнина од 6,1 литри. Покрај ова, добива и уникатно вбризгување на горивото, спортски издувен систем со керамичка облога и петстепен мануелен менувач.
Моќниот агрегат испорачува 405 КС, а поседува и радијатор со висок проток, разладувач за масло и вентилатори кои овозможуваат температурата под хаубата да се одржува на посакуваното ниво. Кога еден ваков класичен автомобил добива моќен нов мотор, неопходно е да добие и соодветни сопирачки. Како резултат на тоа, Unleashed E-Type добива сопирачки шепи со четири клипа, а добива и амортизери со подесување, полиуретански чаури за системот на потпирање и унапредени анти-рол шипки.
E-Type UK исто така направи и неколку визуелни промени на легендарниот британски автомобил, вклучително и поставување на нови предни и задни хромирани браници и карактеристична предна решетка. Сепак, највпечатливата промена е поставување на модерни LED фарови кои имаат драматично влијание на севкупниот изглед на автомобилот.
Посебен труд е вложен и во изработката на ентериерот на возилото. На пример, Unleashed E-Type добива кафена кожа на седиштата, панелите на вратите и централната конзола. Од друга страна, новата контролна табла е финиширана во луксузна црна кожа со контрастни жолти конци. Седиштата добиваат и греење, а тука се и LED осветлувањата, копче за стартување и исклучување на возилото, како и аудио систем со Bluetooth конективност.
Од компанијата велат дека за секој примерок на нивниот Unleashed E-Type се потребни 4.000 часа за изработка, а секој примерок чини 325.000 фунти.