Нов малер за Стефановски
Игор Стефановски Иџе одново не заврши трка од TCR Европа серијата, овој пат онаа првата од рундата во Зандворт - Холандија
Тој имаше неверојатен пех на стартот на натпреварот, едноставно се најде во мешаницата која ја предизвика Бар и повторно настрада неговото возило. Давидовски заврши како 15-ти. По инцидентот во Франција, во втората трка, кога удри со своето Hyundai во заштитната ограда и неговиот настап во Холандија беше доведен во знак прашање, Игор Стефановски, сепак се појави на патеката во Зандворт, на голема радост на неговите фанови.
Беше умерен во квалификациите, стигна до 12-тата позиција и се беше подготвено за нов астак на Иџе кон врвот и што подобар пласман и нови бодови. Но, дефинитивно нема среќа на почетокот на TCR Европа, бидејки одново не ја заврши трката поради тоа што го оштети возилото.
На стартот на првата трка во Зандворт имаше инцидент кој го предизвика Бар кој го допре автомобилот на Наѓ, по што Унгарецот се изврте, а за голем малер, во мешаницата налета и нашиот Иџе. Се обиде да го избегне судирот, но Иџе имаше контакт со Брише, а тоа значеше повторно непосакуван крај на трката.
По расчистување на мешаницата, трката продолжи и по 12 кругови прв низ целта мина Шпанецот Микел Аскона на Cupra TCR, пред Унгарецот Атила Таши на Honda Civic Type R FK7 TCR и домашниот претставник Јап ван Лаген на Audi RS3 LMS TCR. Водечкиот во генералниот пласман, Србинот Душан Борковиќ беше само петти.
Вториот наш претставник во ова натпреварување, Виктор Давидовски ја заврши трката како 15-ти. Утре на програмата е втората трка во Зандворт и истата е предвидена да започне во 14:55 часот, но немаме информации дали Иџе ќе настапи на истата поради штетата на автомобилот.