fbpx

Новата и целосно електрична Fiat Panda ќе се произведува во Србија

Следната генерација на Fiat Panda, која ќе се нуди исклучиво со електричен погон, ќе се произведува во фабриката на Fiat во Крагуевац

Според претседателот на Србија, Александар Вучиќ, следната генерација на Fiat Panda ќе се произведува во оваа земја. Предвидена да се продава исклучиво како електрично возило, новата Panda можно е да биде претставена на планираната 125-годишнина на Fiat на 11 јули 2024 година.

Зборувајќи за автомобилот со претставници на медиумите, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека очекува Stellantis да ја произведува новата генерација во фабрика во Крагуевац, пишува Auto News. Изјавата на Вучиќ дојде веднаш по средбата со италијанскиот премиер Џорџија Мелони, иако тој не прецизираше датум кога ќе започне производството на електричната Panda.

Иако ќе треба да почекаме уште околу два месеци пред да ја видиме новата Fiat Panda, веќе постојат некои назнаки околу тоа што можеме да очекуваме од новиот модел. Визуелно, електричната Panda се очекува да e дизајнерски инспирирана од концептот Centoventi. По големина би требало да биде сличен на новиот Citroen e-C3 и наводно ќе ја прифати филозофијата „помалку е повеќе“ и ќе се врати на првата генерација на Panda која дебитираше во 1980 година.

Во основата на Panda EV ќе биде платформата Stellantis Smart Car што се наоѓа под кожата на Citroen e-C3. Во тој автомобил, еден електричен мотор испорачува 111 КС, што му овозможува да забрза од место до100 км/ч за 11 секунди и максимална брзина од 135 км/ч. Малиот електричен Citroen користи батерии од 44 kWh литиум железо фосфат. Се очекува дека Panda EV ќе понуди слични перформанси и би можел да има иста батерија, помагајќи да се намалат трошоците, а исто така ќе му се даде опсег од околу 320 километри, што е повеќе од доволно за жителите во урбаните средини.

Деталите за цената остануваат непотврдени, но се очекува дека ќе се движи некаде помеѓу 20.000 и 25.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button