Новиот Dacia Logan пристигна во Македонија
Новата генерација на Dacia Logan која беше претставена пред неколку месеци, сега е достапна и на македонскиот пазар
Dacia неодамна ја претстави новата, трета генерација на својот седан модел Logan, кој сега пристигна и на македонскиот пазар, а редакцијата на Авто Плус имаше можност да го забележи новиот модел во продажниот салон на Аутомотив Груп во Скопје.
Целосно новиот Logan пристигнува со комплетно нов и рестилзиран дизајн на екстериерот кој се одликува со робусната силуета, а забележливи се и новите LED светла во форма на буквата Y што е карактеристично за сите понови модели на Dacia. Седанот се одликува со практична опрема, модуларен багажен простор и може да се пофали со еден од најпространите ентериери во категоријата.
Исто како и во случајот со Sandero, така и Logan во својата нова генерација ја користи CMF платформата која се наоѓа кај последната генерација на Renault Clio. Благодарение на ова, како и на поголемите димензии, Logan добива поголем простор во внатрешноста што гарантира поголема удобност, а освен тоа се одликува и со подобри безбедносни акрактеристики.
Logan Eco-G со вграден плински уред
Новиот Logan ќе се нуди со три бензински мотори. Базичниот е атмосферскиот 1,0-литарски агрегат со 65 КС и петстепен мануелен менувач. По него следува 0,9-литарскиот мотор со 90 КС кој може да се добие со шестстепен мануелец или континуирана варијабилна трансмисија, а по ова следува помоќниот TCe со 91 и 100 КС и шестстепен мануелец. Најмоќниот од трите мотори пристигнува со вграден резервоар за течен нафтен гас, а истиот е поставен на местото на резервното тркало. Од Dacia истакнуваат дека овој модел има 11 проценти пониска емисија на CO2, а токму овој модел можевме да го забележиме во продажниот салон на романскиот бренд во Скопје.
Новиот Logan добива и Start/Stop систем, а во внатрешноста се забележливи и пософистицираните материјали и поквалитетната изработка на ентериерот. Новиот Logan поседува и низа модерни, како активни, така и пасивни системи за безбедност, подобра звучна изолација, бесконтактно влегување, греење на предните седишта, автоматски клима-уред (со дигитален екран), камера на задниот дел, електрична паркинг сопирачка, автоматски брисачи и така натаму…
Треба да се напомене дека Dacia во нашата земја пристигнува во две нивоа на опременост – Essential и Comfort, a зависно од истото, како и од избраната моторна единица, цените варираат од 11.050 до 14.200 евра. Повеќе информации можете да најдете на официјалниот сајт или пак во продажниот салон на Dacia во Скопје.