Новиот ЕВ на Ford базиран на VW ќе добие ID.4 и Evos елементи
Првиот производ од партнерството меѓу Ford и Volkswagen групацијата наводно треба да пристигне на пазарот во 2023 година во форма на електричен кросовер
Престојниот електричен SUV модел на Ford, кој ќе биде базиран на MEB платформата на Volkswagen и ќе споделува доста сличности со VW ID.4, ќе биде поставен под Mustang Mach-E во поставата на Ford, а ќе се произведува во новиот Electrification Center во Келн, Германија.
Со оглед на тоа дека ќе ја користи MEB платформата, моделот на Ford се очекува да понуди сличен избор на батерии и погонски опции како својот „германски роднина“ од VW. Освен тоа, Autocar пренесува дека новиот електричен Ford SUV, кој ќе биде претставен во првата половина на 2022 година, пред да биде лансиран на пазарот во 2023, ќе биде драстично различен, кога станува збор за дизајнот, во однос на Mustang Mach-E.
Шефот на Ford of Europe, Стјуарт Раули, вели дека производителот ќе го користи своето американско наследство за идните модели, а тука ќе биде вклучен и новиот електричен SUV базиран на MEB платформата.
„Ford е единствениот американски бренд во Европа во моментов и тоа е уникатна позиција врз која можеме да се надоградуваме. Голем број луѓе ги привлекуваат некои од тие карактеристики и само Ford може да донесе производи како тоа на пазарот“, изјави Раули, навестувајќи дека американските модели како Bronco и Explorer би можеле да бидат искористени како инспирација за дизајнот на новите европски модели.
Покрај ова, ентериерот на новиот електричен Ford ќе биде инспириран од Evos кросоверот на компанијата кој е наменет за кинескиот пазар. Evos се одликува со џиновски 4К инфозабавен екран распространет на контролната табла. Ford исто така работи со Google и сите свои модели ќе ги опреми со Android оперативен систем, а новиот електричен SUV би можел да биде еден од првите кој ќе ја добие оваа карактерстика.