Новиот Jaguar F-Type во 2020 година
Британскиот производител ја пропуштa 2019, но во 2020 година ни нуди ново специјално издание на F-Type
За прв пат пред очите на публиката, моделот F-Type на британскиот производител Jaguar беше претставен како концепт верзија на авто шоуто во Детроит во јануари 2000 година. Премиерата на овој модел се одвиваше во Париз во 2012, при што веќе наредната година беше достапен на пазарот. Со оглед на тоа дека овој модел е достапен веќе речиси цели 6 години, британците работат на неговата следна генерација.
Новиот F-Type ќе пристигне во 2020 година во ново и попривлечно издание.
Што се однесува до деталите поврзани со овој модел, Jaguar сеуште не изнесува конкретни информации, но сепак се очекува овој модел да биде попросторен но сепак полесен од неговиот претходник. Исто така се надеваме дека ќе ги задржат и двете верзии, односно Coupe верзијата како и F-Type кабрио верзијата, со оглед на фактот дека Jaguar ja зголеми продажбата во различни делови во светот.
Основната варијанта на овој модел доаѓа со четири-цилиндарски 2,0 турбо мотор кој испорачува моќност од 296 коњски сили, а секако доколку би сакале, F-Type може да го добиете и со помоќниот V6 мотор. Бучниот F-Type R доаѓа со класичниот V8 мотор, но со нова реконструирана суспензија инспирирана од F-Type SVR.
По надворешноста на овој модел, како и во интериерот може да се забележи застапеноста на црните сјајни детали кои придонесуваат во севкупниот шарм на овој модел. Исто така еден од новите интересни делати е и “Chequered Flag” односно црно-белото знаме со кое се означува крај на трка, кое може да го забележиме во шивот на самите седишта како и на задниот дел од возилото. Ова знаме претставува симбол кој ја одбележува 70-годишнината на Jaguar, како и многубројните успеси на компанијата во областа на мотоспортот.
Цената на овој спортски автомобил би била нешто повисока од претходниот, па така основниот F-Type со 2,0 литарскиот турбо мотор би можел да биде ваш за 62,335 фунти.