Новиот Jaguar XE добива ограничена едиција наречена Reims Edition
Со лимитирано производство, Jaguar XE Reims Edition добива нова уникатна боја и дополнителен пакет кој претсатвува надградена верзија на R-Dynamic S
Jaguar го откри новиот XE Reims Edition, кој во Британија ќе биде ексклузивен со само 200 примероци. Името е одбрано за ова специјално издание со цел да се одбележи првата конкурентна победа на иконскиот D-Type на 12-hours of Reims во 1954 година.
Ограничениот модел добива разни стилски ажурирања над R-Dynamic S моделот, на кој се базира. Најочигледна промена е новата уникатна „French Racing Blue“ боја, претходно користена кај ограничените модели XKR-S и XFR-S.
Бојата е надополнета со црна контрастна завршница на решетките и обложувањата на прозорите, покривот, ретровизорите и праговите. Како стандард, изгледот на автомобилот е надополнет со 19-инчни црни сјајни алуминиумски фелни.
Во внатрешноста, Reims Edition се карактеризира со црна кожа и контрастни шивови, а како стандард доаѓаат и Cold Climate пакетот, кој вклучува загреано предно ветробранско стакло, загреан управувач и прскалки на фаровите. На оваа листа се наоѓаат и целосните LED фарови, рикверц камера и интеграција на паметните телефони.
Под моторниот капак кај XE Reims Edition поставен е 2,0 литарскиот Ingenium бензински мотор, кој тука испорачува моќност од 247 коњски сили и 365 Nm вртежен момент. Моќноста се пренесува до задните тркала преку осум-степен автоматски менувач, при што се добива забрзување од 0-100 km/h за 6,5 секунди.