Новиот Kia Niro EV пристигна во Македонија
Во продажниот салон на Kia во Скопје пристигна новата генерација на целосно електричниот Niro EV
Во согласност со својата дизајнерска филозофија и новиот стилски јазик, новиот Kia Niro EV дебитираше во текот на минатата година, а сега моделот е достапен и за македонските купувачи. Корејската компанија го дизајнираше новиот Niro по теркот на својата Opposites United дизајнерска филозофија која пак ја влече својата инспирација од природата преку изборот на бои, материјали и финишите кои имаат за цел да создадат еден баланс меѓу пристап одговорен за околината и изглед кој е ориентиран кон природата.
На предниот дел на Kia Niro се наоѓа препознатливиот „тигарски лик“ комплетиран со целосно и комплетно променети и редизајнирани фарови и LED дневни светла. Одважните дизајнерски детали продолжуваат и на задниот дел со LED задните светла кои се протегаат по задните столбови.
Ентериерот на Kia Niro исто така е темелно променет за новата генерација на моделот. Најголем впечаток секако остава контролната табла која е насочена кон возачот, а на истата се наоѓа целосно дигитален инструмент кластер и голем инфозабавен екран. Kia исто така го опреми новиот Niro со нов селектор за брзини кој е поставен на централната конзола.
Kia Niro EV користи електричен мотор кој произведува 204 КС и 255 Nm вртежен момент. Моќноста е идентична со претходната генерација, иако вртежниот момент е помал бидејќи моделот во заминување имаше 395 Nm. Батеријата има ист капацитет од 64,8 kWh што овозможува електричен досег од 463 километри. Со брз полнач и под оптимални услови, батеријата на Niro EV може да достигне од 10 до 80% за 43 минути.
Новата генерација на Niro ќе биде достапна со хибриден, plug-in хибриден и целосно електричен погон, а на македонскиот пазар наскоро ќе пристигнат и останатите две верзии покрај електричната.