Новиот Lexus NX премиерно претставен во Македонија
По светската премиера на глобално ниво, новата генерација на Lexus NX сега е официјално претставена и на македонскиот пазар
Јапонскиот премиум бренд ја најави својата офанзива со лансирање на 20 нови и унапредени возила до 2025, а таа офанзива започна со претставувањето на новиот NX. По светската премиера, сега новиот Lexus NX дебитираше и на македонскиот пазар. Втората генерација на луксузниот кросовер отсега е достапна и за македонските купувачи и тоа со хибриден и plug-in хибриден погон.
Lexus NX пристигнува со сосема нов дизајн и целосно нова предница на која се истакнува ревидираната решетка, благодарение на која автомобилот добива нов и свеж изглед. Променета е и каросеријата, а на задниот дел се истакнуваат LED светлата кои се протегаат низ целата должина на задницата.
Ентериерот има целосно нов изглед и материјали со далеку повисок квалитет од претходно и модерен дизајн. Зад управувачот се наоѓа 7-инчниот дигитален инструмент кластер, а до него е поставен 9,8-инчниот екран на допир кој функционира со најновата генерација на инфозабавниот систем Lexus Link Connect. Во понудата е и поголемиот 14-инчен екран на допир.
Димензиите на кросоверот се минимално променети, па така ширината и должината е зголемена за два сантиметри, односно сега Lexus NX е 4.660 милиметри долг и 1.865 милиметри широк, додека висината изнесува 1.650 милиметри. Меѓуоскиното растојание е зголемено на 2.690 милиметри, а поголемите димензии се благодарение на модуларната GA-K (TNGA) платформа.
Првиот plug-in хибрид на Lexus
Купувачите можат да изберат од широка палета на мотори и погони. Базичниот модел е Lexus NX 200 и користи 2,0-литарски атмосферски бензинец со 150 КС. По него следува NX 250 кој користи 2,5-литарски четирицилиндричен агрегат со 206 КС и 249 Nm и пристигнува со осумстепен автоматски менувач. Над него е NX 350 кој се одликува со 2,4-литарски турбо мотор со 279 КС и 430 Nm.
Кај хибридните верзии тука е Lexus NX 350h со 2,5-литарскиот атмосферски мотор и електромотор, а за трансмисијата е задолжен електромеханичкиот варијатор. Погонот е на предните тркала, а како опција се нуди верзија со интегрален погон, каде едниот мотор е поставен на задната оска. Моќноста на оваа верзија е 244 КС. На врвот во понудата е NX 450h+ кој е првиот plug-in хибриден модел на Lexus. Вкупната системска моќ на оваа варијанта изнесува 306 КС. Во чисто електричен режим на работа Lexus NX може да помине 63 километри, а максималната брзина во овој случај е 135 километри на час. Системот на пренос на силата на сите четири тркала е перманентен и покрај тоа што ниту една верзија на поседува диференцијал. Кај бензинските верзии задната оска и понатаму е поврзана со спојка, додека кај хибридите задниот електромотор се вклучува при секое поаѓање.
Цените на македонскиот пазар стартуваат од 49.990 евра за хибридниот NX 350h, односно 69.990 евра за plug-in хибридната верзија NX 450h+. За повеќе информации посетете го продажниот салон на Тојота Автоцентар во Скопје.