Новиот Peugeot 3008 ќе добие форма на купе-SUV
Според информациите, Peugeot е подготвен новата генерација на својот модел 3008 да ја направи во купе-SUV форма
Новата генерација на Peugeot 3008 се очекува во текот на 2022 година. Според информациите на дел од европските медиуми, се очекуваат голем број значителни промени. Пред се, новиот 3008 би требало да добие поатрактивна SUV форма со купе акценти. Целта е да го заземе делот на спортските SUV модели, односно да го напушти пазарот на семејни кросовери и SUV автомобили.
Иако актуелниот модел делува навистина свежо и атрактивно, француската компанија сака да продолжи со својот првичен план и да го претстави следниот 3008 за две години. Дизајнерскиот шеф на Peugeot, Жил Видал, потврди дека во француската компанија, благодарение на актуелната генерација на SUV моделот, подобро ги разбрале купувачите и нивното преферирање за одредени модели, поради што ќе можат да ги развиваат своите производи во таа насока.
„Peugeot 3008 не го купуваат семејни луѓе. Кај Peugeot 3008 просечните купувачи се двојки без деца, или оние чии деца се веќе пораснати. Така што станува збор за луѓе од два различни краеви на спектарот“, изјави Видал. Ова значи дека просторот на задната клупа не е од круцијално значење за купувачите на 3008. Поради тоа, се очекува новата генерација да има опаѓачки покрив на задниот дел со цел да се добие поатрактивен и поспортски изглед на автомобилот. Со дополнителните измени на предниот дел, возилото ќе добие поагресивен дизајн и ќе биде поатрактивен за помладите купувачи.
Третата генерација на 3008 ќе се базира на модифицираната EMP2 платформа наречена EMP2 V4. Оваа платформа е компатибилна со конвенционалните мотори на внатрешно согорување, целосно електричен погон како и 48-волтна блага хибридна технологија.
Кога станува збор за конвенционалните мотори, јасно е дека Peugeot 3008 ќе ги добие 1,2-литарскиот PureTech и 1,5-литарскиот BlueHDi. Кога станува збор за plug-in хибридните варијанти, тука се очекуваат некои промени. Целосно електричната верзија речиси сигурно ќе се потпре на добро познатата поставка на PSA групацијата. Тоа подразбира електромотор од 136 КС и батерија со капацитет од 50 kWh.