fbpx

Новиот Peugeot 308 нема да добие хот хеч верзија

Иако постоеја поинакви најави во изминатиот период, сепак француски Peugeot нема да лансира перформансна верзија од новата генерација на 308

Веќе е јасно дека Peugeot се откажува од GTi варијантите за своите модели, а наместо нив, на сцената стапи Peugeot Sport Engineered, односно PSE варијантата. Првиот модел кој доби PSE третман беше 508, а истото се очекуваше да го добие и новата генерација на Peugeot 308, но и покрај таквите најави во изминатите неколку месеци, тоа сепак нема да се случи.

За оние кои не знаат, PSE е ново перформансно одделение на француската марка кое е задолжено да развива plug-in хибридни модели со високи перформанси. Со оглед на тоа дека новиот Peugeot 308 доби своја стандардна PHEV верзија, се очекуваше на сцена да стапи и PSE варијанта, но и покрај најавите, тоа нема да се оствари.

Тоа го потврди и продукцискиот директор на Peugeot, Жером Мишерон. „Ако погледнете на пазарот за спортски верзии, како и CO2 регулативите, јасно е дека истиот е пропаднат“, изјави Мишерон за евентуален GTi модел, но истото се однесува и за евентуална PSE варијанта, слична на 508. „Не гледаме простор на пазарот во моментов. Освен тоа, хибридната поставка носи дополнителна тежина“, истакна директорот на Peugeot.

Според некои најави од француските медиуми, се очекуваше Peugeot 308 да го добие истиот plug-in хибриден систем кој го има кај 3008, со што хечбекот би добил 300 КС моќност. Вака, францускиот адут во С сегментот, кој е развиен на EMP2 платформата, останува со два „обични“ plug-in хибридни погони кои комбинираат 1,6-литарски турбо четирицилиндерски бензинец со 150 или 180 КС и електромотор од 108 КС. Двете варијанти имаат 12,4 kWh литиум-јонска батерија, која им овозможува движење само на струја од 60 километри. А перформансен модел, по се изгледа нема да дочекаме.

 

Поврзани вести

Back to top button