Новиот Peugeot 308 сега и во Македонија
По премиерата минатата година, најновата генерација на францускиот компактен хечбек, Peugeot 308 сега пристигна и во Македонија
Со самиот старт на новата година, на македонскиот пазар пристигна и еден од најисчекуваните модели на пазарот, а тоа е Peugeot 308. Новата генерација на компактниот хечбек сега е изложен и во продажните салони на Peugeot во Македонија.
Првото нешто што е најзабележително кај новиот Peugeot 308 е новото лого на компанијата која ќе ги краси сите нови модели во поставата на француската марка. Новата „308-ка“ доаѓа со голем број на новитети, како од технолошки, така и од дизајнерски аспект.
Кога станува збор за дизајнот на екстериерот, забележливо е дека новиот 308 драстично се разликува од својот претходник и без дилеми станува збор за впечатлив модел. Новиот 308 има и поинакви димензии, а и формите се значително изменети. Новата генерација е долга 4.367 милиметри, широка 1.852 и висока 1.441 милиметри. Забележливи се и тенките предни светлосни групи, а благодарение на подолгата хауба од претходно, 308 добива еден посебен шмек.
Peugeot со новиот 308, но и со останатите свои модели, ја задржува тенденцијата да преземе дел од купувачите од премиум класата. Токму затоа новата генерација на Peugeot 308 прави голем чекор напред кога станува збор за употребените материјали во внатрешноста. Поставката со два екрани ќе биде стандардна кај новиот 308, па така, пред возачот се наоѓа 10-инчен инструмент кластер, а на средина од контролната табла се наоѓа 10-инчниот екран за инфозабавниот систем.
Моторни опции
Автомобилот пристигнува опремен со секаков вид на системи за безбедност и асистенција на возачот, a како дел од моторната постава се две plug-in хибридни опции. Базичниот модел е Hybrid 180 e-EAT8 која комбинира 1,6-литарски PureTech мотор со 150 КС и 81 kW електромотор за вкупна моќност од 180 КС и 360 Nm. Оваа верзија нуди 60 километри погон на струја. Помоќната верзија е мотор со 180 КС и електромотор со 81 kW моќност, за вкупни 225 КС и 360 Nm и 59 километри целосно електричен опсег.
Покрај ова, новиот 308 доаѓа и со 1,2-литарски PureTech 130 бензински мотор и 1,5-литарски BlueHDi 130 дизел агрегат. Бензинецот ќе има моќност од 110 и 130 КС, додека дизел агрегатот ќе се нуди само со 130 КС, а зависно од потребите, моторите доаѓаат во комбинација со шестстепен мануелец или осумстепен автоматик.
Кога станува збор за конкретните модели кои се изложени во салонот на Peugeot се во GT и GT Pack нивоа на опременост со 1,5-литарскиот BlueHDi дизел мотор со 130 КС и осумстепен автоматски менувач, во Elixir Red, односно Olivine Green боја. За повеќе информации посетете го продажниот салон или официјалниот сајт на Peugeot во Македонија.