Новиот Renault Megane Electric ја покажа својата форма
Кон крајот на минатата година Renault го претстави Megane eVision концептот најавувајќи ја новата генерација на Megane за Европа
Renault има сериозни планови за својот адут од C сегментот, а француската компанија сега ги објави и првите тизер фотографии од она што би требало да биде продукциска верзија на Megane Electric, за прв пат откако во октомври минатата година со концептот Megane eVision ја најави новата генерација.
Новиот Renault Megane Electric ќе стане првиот модел на брендот во С сегментот и ќе им се приклучи на Twingo E-Tech Electric и Zoe, модели од А и В сегментот. Кога станува збор за дизајнот, од она што може да се забележи од фотографиите кои ги објави францускиот производител, продукциската верзија на новиот Megane нема да се разликува премногу од eVision концептот. Таканаречениот Megane E-Tech Electric ќе биде интересен микс помеѓу традиционалниот хечбек, кросовер, па дури и MPV модел.
Од Renault истакнуваат дека првите 30 предпродукциски прототипи се веќе произведени и се подготвени да се упатат на патиштата ова лето за инженерски тестирања. Уште поважно, компанијата откри и дел од техничките спецификации и истите делуваат ветувачки.
Megane E-Tech Electric, или како што од Renault исто така го нарекуваат MeganE, е базиран на модуларната CMF-EV платформа, а електричниот модел ќе добие електрмотор кој испорачува 217 КС. Енергијата ќе се црпи од 60 kWh батерија, а компанијата ветува опсег на движење од околу 450 километри според WLTP циклусот. Се очекува продукцискиот модел да биде понуден со неколку различни погонски опции зависно од големината на батеријата, но засега нема никакви информации.
Електричниот Megane треба да игра важна улога во плановите на Renault да продава исклучиво електрични возила до 2030 година.