Новиот Seat Leon дојде и во Македонија
Новата генерација на бестселерот на Seat, моделот Leon, сега конечно пристигна и во нашата земја
Најновата, четврта генерација на Seat Leon сега е достапна и за македонските купувачи. Авто Плус беше во продажно-изложбениот салон на Seat во Македонија и на лице место можеше да се запознае со најновата изведба на најпродаваниот модел на шпанската марка.
Во салонот имавме чест да го забележиме базичниот Seat Leon како и FR верзијата кои се карактеризираат со нов изглед и промена на пропорциите со цел поголема конкурентност во компактниот сегмент на европскиот пазар. Моделите кои беа изложени беа во хечбек варијанта со пет врати, а веднаш се забележливи и дизајнерските елементи инспирирани од Formentor концептот. Доста интересен момент се и задните светла кои се протегаат на целиот заден дел од автомобилот.
Модерниот стајлинг очекувано е тука, а благодарение на MQB платформата, Seat Leon делува помодерно и со попростран ентериер исполнет со поквалитетни материјали. Новиот Seat Leon пристигнува со опциони Full LED предни и задни светла, како и динамични покажувачи за насока. Внатрешноста исто така е со LED осветлување, заедно со амбиенталните светла.
Во Seat Leon FR успеавме да го забележиме и 10,25-инчниот дигитален инструмент кластер, заедно со 10-инчниот екран на допир од инфозабавниот систем, додека кај „обичниот“ Leon тука е стандардната инструмент табла придружувана од 8,25-инчниот екран од инфозабавниот систем.
Основните модели се напојуваат со 1,0-литарскиот трицилиндричен TSI мотор со моќност од 90 или 110 КС, додека во понудата е и четирицилиндричниот 1,5-литарски TSI мотор кој испорачува 130 или 150 КС. Уште посилниот 2,0-литарски TSI нуди моќност од 150 КС и се нуди со автоматски менувач со двојна спојка. Посилните верзии од 1.0 и 1.5 TSI моторите пристигнуваат со блага хибридна технологија и се достапни само со DSG автоматски менувач.
Три нивоа на опременост
За љубителите на дизел агрегатите тука е и 2,0-литарскиот TDI мотор кој пристигнува со моќност од 115 или 150 КС.
Кога станува збор за македонскиот пазар, новиот Leon ќе се нуди во три нивоа на опременост – Style, Xcellence и FR. Базичниот Leon со Style ниво на опременост со 1.0 TSI мотор и 90 КС се продава по цена од 19.536 евра. Со истиот мотор, но со моќност од 110 КС ќе се продава по 20.281 евра. Верзијата 2.0 TDI со 115 КС чини 23.041 евра. Во Xcellence нивото 1.0 TSI со 110 КС чини 21.769 евра, додека 2.0 TDI со 115 КС чини 24.596 евра.
Во FR нивото на опременост има и најголема понуда. Така, 1.0 TSI со 110 КС се продава по цена од 21.769, 1.5 TSI со 150 КС чини 23.234, 1.5 TSI со 150 КС и седумстепен автоматски менувач е 26.194 евра. 2.0 TDI со 115 КС чини 24.569 евра. На врвот се наоѓа 2.0 TDI со 150 КС и седумстепен DSG менувач чија цена изнесува 27.927 евра. За повеќе информации посетете го официјалниот сајт на Seat во Македонија.