fbpx

Новиот Stratos влегува во производство, премиерата во септември

Manifattura Automobili Torino (MAT) започнува со производството на моделот Stratos, наследникот на легендарниот автомобил на Lancia

Lancia Stratos во текот на 70-тите години на минатиот век беше апсолутен хит и владетел на светската рели сцена, а веќе речиси десет години наназад се најавува наследник на легендарниот модел. Овој автомобил, кој беше пред своето време, од своето „пензионирање“, не доби адекватна замена, додека Lancia остана ограничена на само еден модел и еден пазар.

Прототипот за новиот Stratos дебитираше во 2010 година, финансиран од страна на Михаел Стошек и неговиот син Максимилион, а во дизајнот на автомобилот учествуваше и славната дизајнерска куќа Pininfarina. Во 2018 година, релативно непознатата компанија Manifattura Automobili Torino ги откупи правата за производство на овој модел. Сега, пристигнува прекрасна вест за сите љубители на овој култен автомобил. Имено, MAT ќе стартува со производството на новиот Stratos, кој ќе биде лимитиран на само 25 примероци. Инаку, новиот Stratos како „донор“ ќе го користи Ferrari F430, односно за секој нов Stratos, ќе треба да се „уништи“ еден F430.

Автомобилот ќе се напојува со 4,3-литарскиот F136 V8 мотор на Ferrari, а во однос на F430, новитетот ќе биде полесен за околу 80 килограми поради обилната употреба на карбон, додека меѓуосовинското растојание е скратено за дури 200 милиметри, со цел да се задржат пропорциите на оригиналниот модел. Според информациите, моторот ќе испорачува 540 КС, што ќе биде сосема доволно за новиот Stratos од нула до „стотка“ да стигне за 3,3 секунди, додека максималната брзина ќе биде ограничена на 275 километри на час.

Stratos

Дебито ќе биде во Велика Британија

Официјалното деби новиот Stratos би требало да го има на Salon Prive, кој од 23 до 26 септември ќе се одржи во Бленхајм палатата, недалеку од градот Оксфорд во Велика Британија.

„Среќни сме и горди што ќе го прикажеме нашиот нов Stratos за прв пат во Велика Британија на така легендарно место. Salon Prive е совршена локација за нашите автомобили и за искуството кое секогаш се трудиме да го понудиме на нашите клиенти. Со нетрпение очекуваме да го презентираме новиот Stratos во септември во Бленхајм палатата“, изјави маркетинг менаџерот на MAT, Рикардо Гарела.

Stratos

„МАТ Stratos е брилијантна модерна интерпретација на легендата од 70-тите како и пасијата, вештината и инженерството вклучени во создавањето на овој фасцинантен омаж кои се повеќе од очигледни. Во дизајнирањето на новиот автомобил, Manifattura Automobili Torino ги направи сите напори за да го направи автомобилот да биде колку што е можно ист како оригиналот, дури до кутијата за шлемот вградена во внатрешноста од вратите. Со само 25 примероци, овој автомобил ќе биде навистина редок и навистина сме воодушевени од можноста да го прикажеме автомобилот на нашите гости, од кои голем број се колекционери на суперавтомобили со ограничено производство“, изјави продажниот директор на Salon Prive, Дејвид Бегли.

Поврзани вести

Back to top button