fbpx

Објавени првите детали за електричниот Peugeot e-308

Peugeot во март минатата година ја претстави новата генерација на моделот 308, а уште веднаш се појавија најави за целосно електрична верзија

Францускиот производител Peugeot продолжува со својата стратегија за целосна електрификација, во рамките на своето мото „Моќта на изборот“. Дел од своите модели веќе ги нуди со целосно електричен или погон со мотор на внатрешно согорување, а во оваа постава наскоро ќе се приклучи и Peugeot e-308.

По премиерата на 308 најпрво се појавија шпекулации дека ќе пристигне и целосно електрична верзија, за потоа да пристигне делумен демант, за на крајот да стане и сосема јасно дека новата генерација дефинитивно ќе има своја верзија „на струја“. Сега се појавија и првите информации, а Autocar најавува дека e-308 ќе се најде во продажба во текот на 2023 година.

Според истиот извор, производството треба да започне во јули следната година, но предупредува дека многу работи можат да се променат до тогаш. Покрај ова, објавени се и првите информации, пред се за погонот, но и околу тоа како новиот ЕВ ќе се разликува од помалиот брат e-208 кој веќе е дел од поставата на француската марка.

ЕВ погон и за караванот и за хечбекот

Новиот e-308 ќе добие 54 kWh батерија, што е за 4 kWh поголема во однос на онаа кај e-208. Сепак, унапредената батериска технологија ќе му овозможи на моделот да понуди до 400 километри опсег на движење според WLTP циклусот. Според информациите, електричната верзија на моделот од C-сегментот ќе нуди 155 КС моќност и 269 Nm вртежен момент кои ќе се испраќаат на предните тркала.

Целосно електричниот погон ќе се најде и кај хечбек и кај караванската варијанта на 308. Peugeot ќе ги постави батериите под седиштата и во подот, додека остатокот од погонскиот хардвер ќе се сокрие под хаубата. Багажниот капацитет ќе биде ист како кај plug-in хибридната верзија на 308, а Peugeot ќе ја понуди истата елегантна и технолошки напредна кабина, како и 100 kW брз полначки капацитет.

Испораките на e-308 ќе започнат откако производството ќе започне следниот јули, а Peugeot ќе ги објави цените на новиот модел пред почетокот на продажбата. Според бренд проект менаџерот на Peugeot 308, Агнес Тесон-Фаге, новиот e-308 се очекува да има удел во продажбата од барем 20 проценти од целиот опсег на моделот.

Поврзани вести

Back to top button