Официјална премиера за Kia EV6
Корејскиот производител Kia официјално го претстави својот прв исклучиво електричен автомобил EV6 кој најавва дека ќе ја редефинира електромобилноста
Поставен на целосно новата, посветена електрична платформа на компанијата, EV6 е револуционерно возило и претставник на „новата Kia“, вели корејскиот производител. Она што најмногу привлекува внимание се перформансните на електричниот кросовер, а тие велат дека од нула до „стотка“ EV6 стигнува за 3,5 секунди и се одликува со 800 волтна полначка способност.
Kia EV6 е предвесникот на новата филозофија и бренд идентитет на Kia, а тоа е јасно видливо на екстериерот, каде што електричниот кросовер го добива новиот „Opposites United“ дизајнерски јазик на компанијата, чија цел е да евоцира „позитивни сили и природна енергија“, притоа инкорпорирајќи „контрастни комбинации на остри стилски елементи и скулптурни форми“.
Впечатлив и карактеристичен дизајн
Настрана корпоративниот јазик, EV6 се одликува со стилски екстериер со потенка решетка како и карактеристичните предни светла кои имаат секвенцијални елементи. Тука е и аеродинамичниот браник со правоаголни отвори за воздух и мали вертикални перки на надворешните рабови.
Профилот на автомобилот особено се истакнува поради кратката хауба и јасните мазни линии на каросеријата. Но, ова не се единствените стилски карактеристики со оглед на тоа дека EV6 има и „лебдечки“ покрив и горен заден спојлер кој се протега по целата ширина на возилото, чија цел е да го проследува воздухот до долниот спојлер, кој делува како продолжение на задните светла.
Кога станува збор за големината, EV6 има должина од 4.680 милиметри, широк е 1.880, а висок 1.550 милиметри, додека меѓуосовинското растојание се протега на 2.900 милиметри.
Минималистички и модерен ентериер
Уникатниот стајлинг продолжува во кабината, а возачите пред себе ќе најдат минималистичка контролна табла на која се наоѓа 12-инчниот дигитален инструмент кластер и 12-инчниот екран на допир од инфозабавниот систем кои се со заоблени екрани. Компанијата не откри премногу детали за истите, но инфозабавниот систем има Kia Connect технологија која овозможува бежични унапредувања и услуги во реално време. Како резултат, сопствениците можат да ги лоцираат најблиските полначки станици, да го следат статусот со полнењето и да го следат нивниот опсег на движење.
Меѓу останатите карактеристики тука се и двокракиот управувач, футуристичкиот селектор на брзини и head-up екран со проширена реалност. Моделот исто така може да биде опремен со Meridian аудио систем со 14 звучници кои имаат Active Sound Design технологија, што е генератор на вештачка бучаца која се подесува со брзината на возилото.
Од друга страна, EV6 има лебдечка централна конзола и жолти акценти, моделот исто така пристигнува и со „релаксациски седишта“ кои се лесни и обвиени со материјал создаден со користење на рециклирани пластики.
Големото меѓуосовинско растојание овозможува простран ентериер, а багажниот капацитет изнесува 520 литри. Тоа може да се зголеми до 1.300 литри со поклопување на задните седишта. Доколку имате потреба од повеќе простор, предниот багажник нуди простор од 52 литри во европската верзија на возилото.
Кога станува збор за безбедноста, Kia EV6 доаѓа со цел асортиман на безбедносни и системи за асистенција на возачот како што се асистенцијата за следење на коловозната лента, асистенција за безбедно излегување, асистенција за паметно паркирање и асистенција за возење на автопат, која комбинира адаптивен темпомат со функција за центрирање во коловозната лента, а на возачот му овозможува да ја менува лентата исклучиво со вклучување на индикаторот за насока, по што автомобилот сам ја извршува операцијата.
Голем број на погонски конфигурации
EV6 ќе биде понуден во повеќе конфигурации со оглед на тоа дека постојат батерии кои нудат стандарден и продолжен опсег на движење, како и погон на задните, но и сите четири тркала.
Базичниот модел е со 58 kWh стандардна батерија која го напојува електромоторот поставен на задната осовина и испорачува 170 КС и 350 Nm вртежен момент. Варијантата со погон на сите четири тркала добива втор електромотор со што моделот добива комбинирана моќност од 235 КС и 605 Nm. Ова му овозможува на EV6 да забрза од нула до „стотка“ за само 6,2 секунди.
Со 77,4 kWh батеријата купувачите добиваат поголем опсег на движење и помоќен електромотор кој испорачува 228 КС и 350 Nm. Варијантата со погон на сите четири тркала со оваа батерија добива уште еден електромотор со што погонскиот склоп добива 325 КС и 605 Nm, со што спринтот се стигнува за 5,2 секунди, а опсегот на движење е 510 километри според WLTP циклусот.
На врвот на понудата е EV6 GT, кој е достапен само со погон на сите четири тркала и поголемата батерија. Има комбинирана моќност од 585 КС и 740 Nm вртежен момент. Оваа поставка му овозможува на електричниот кросовер да го достигне спринтот до 100 км/ч за само 3,5 секунди. Максималната брзина на оваа верзија е 260 километри на час, а опсегот на движење е 405 километри. EV6 GT добива и софтвер за диференцијал со ограничено пролизгување кој нуди динамично возење и управувачки карактеристики.
Нова платформа
ЕV6 е поставен на новата E-GMP платформа која се карактеризира со 400V и 800V полначки способности. Ова овозможува полнењето од 10 до 80 проценти да се изведе за само 18 минути. Доколку немате време, ЕV6 верзијата со погон на задните тркала и поголемата батерија може да добие 100 километри опсег за помалку од четири и пол минути.
Со цел да го максимизира опсегот на движење, Kia EV6 е опремен со енергетско ефикасна топлинска пумба која ја користи вишокот топлинска енергија од разладниот систем на автомобилот. Ова му овозможува на моделот да има 80 проценти од опсегот кој би го имал при температура од 25 степени кога температурата ќе опадне и на -7.
Возачите исто така добиваат и регенеративен сопирачки систем со шест различни нивоа на рекуперација. Тука се и лопатките за менување на брзини кои му овозможуваат на возачот „брзо и лесно да го забави автомобилот за да ја рекуперира кинетичката енергија за максимизирање на возачкиот опсег и ефикасност“.
Kia EV6 има интегрирана единица за контрола на полнењето која овозможува vehicle-to-load функција. Ова овозможува автомбоилот да биде џиновска батерија која може да напојува со енергија други работи, а може да се користи и за полнење на друг електричен автомобил, доволно за да се стигне до најблиската полначка станица.
Kia веќе ги отвори резервациите за одредени пазари, а EV6 ќе се најде во продажба во неколку земји подоцна оваа година, а на останатите ќе пристигне на почетокот од 2022.