Онлајн деби за новиот Renault Captur
Втората генерација на урбаниот кросовер веќе од наредната година ќе добие и своја plug-in хибридна верзија
Засега ова е само деби на интернет, бидејќи јавната светска премиера ќе се одржи на Саемот за автомобили во Франкфурт во септември. Компактниот кросовер сега доаѓа со поспортски и динамичен екстериер, практичен и функционален ентериер, како и нов сеопфатен технолошки пакет.
По новото Clio, Captur е вториот модел на Renault кој ќе ја користи новата CMF-B платформа, која го прави 110 mm подолг од моделот кој го заменува. Како резултат на ова, просторот на задната клупа се зголемува за 17 mm, додека багажниот простор добива капацитет од 536 литри, односно 81 литри повеќе.
Новата платформа, исто така овозможува прифаќање и на електричен мотор, па така кросоверот ќе има корист од хибридниот систем E-Tech Plug-in од 2020 година. Како и кај Clio, истиот електричен мотор ќе го движи новиот Captur до 45 km во чист електричен режим, со брзина до 135 km/h. Системот го комбинира 1,6 литарскиот бензински мотор со два електрични мотори и 9,8 kWh батериски пакет.
Во кабината, она што може да се забележи е новиот инфозабавен систем инспириран од паметен телефон, достапен во три верзии: 7-инчен екран, 7-инчен со навигација и 9,3-инчен со навигација. Сите се компатибилни со Android Auto и Apple CarPlay. Дизајнот на ентериерот е очигледно многу сличен со новиот Clio, па така Captur добива пристап до TFT дигиталниот екран, достапен со 7 или 10-инчна верзија.
Додека оваа верзија стане достапна, кросоверот ќе се продава со три бензински и два дизел мотори. На бензинската листа се наоѓаат 1,0 литарскиот TCe со 100 коњски сили и 1,3 литарскиот турбо TCe кој доаѓа во варинта од 130 и 155 коњски сили. Дизел асортиманот е составен од два 1,5 литарски погони, Blue dCi кој испорачува 95 коњски сили и Blue dCi со 115 коњски сили.
Во поглед на технолошките достигнувања, втората генерација на Renault Captur нуди низа стандардни и достапни безбедносни карактеристики. Тука вклучен е системот за препознавање сообраќајни знаци со предупредување за брзина, активното итно сопирање, темпоматот со ограничувач на брзина, LED фаровите со автоматско долго светло, Highway & Traffic Jam Companion адаптивна контрола на патувањето, предупредување за заминување, помош за коловозна лента, 360 степени за паркирање и многу друго.
Целосно новиот Captur е клучен модел во стратегискиот план на Renault за иднината, благодарение на многу популарниот сегмент што го зазема и неговиот статус како глобален производ. Новиот модел, исто така, ќе биде изграден во Кина за прв пат.