Opel го прескокнува IAA салонот во Минхен
Меѓународниот Салон за автомобили во Минхен ќе има задача да го замени Салонот во Франкфурт, а првото издание ќе го има оваа година во септември
Салонот за автомобили во Франкфурт замина во историјата, а на негово место стапува Минхен, кој ја презеде организацијата на IAA, но работите не започнуваат баш најдобро, бидејќи германскиот производител Opel одлучи да го прескокне годинешното издание кое стартува на 6 септември. Ова предизвика шок кај германската автомобилска јавност, бидејќи станува збор за важен германски бренд, па откажувањето на учеството на најголемиот автомобилски настан во оваа земја дефинитивно е неочекувана одлука.
Според претходните неофицијални најави, Opel треба официјално да ја претстави новата генерација на Astra во текот на престојната есен кога ќе се одржува и Салонот во Минхен, првиот голем автомобилски настан во Европа оваа година. Многумина сметаа дека Opel токму тука, на домашно тло ќе го претстави својот новитет, па сигурно дека организаторите не се баш најзадоволни со одлуката еден од најстарите германски производители да го прескокне првиот голем авто-салон и тоа токму на „домашен терен“.
Отсуството е потврдено од страна на Stellantis и целата одлука е донесена на ниво на групацијата, која нема да испрати ниту еден бренд на настанот.
„Брендовите на Stellantis групацијата нема да учествуваат на годинешното издание на IAA во Минхен“, истакнал извор од компанијата за Automotive News Europe.
Ова е уште еден удар за Салонот во Минхен, откако претходно се дозна дека Volkswagen групацијата ќе има само мало присуство на настанот. Audi, Cupra, Porsche и Volkswagen ќе учествуваат, а ќе им се приклучат и BMW и Mercedes, како и Dacia, Ford, Polestar, Nio и Wey.
Организаторите претходно се обидоа да го „оправдаат“ малото присуство на производители истакнувајќи дека „IAA Mobility се менува од чисто автомобилско шоу во платформа за мобилност“ на која ќе има возбудливи премиери на електрични велосипеди, електрични тротинети, скутери, електрични автомобили, па се до јавен транспорт“.