Opel го претстави Zafira-e Life Crosscamp Flex ЕВ камперот
Бројот на електрични кампери на пазарот се зголемува, а Opel Zafira-e Life Crosscamp Flex е најновиот ваков производ на хоризонтот
По Opel Zafira Life Crosscamp со дизел мотор кој дебитираше минатата година, германската компанија сега го примени истиот третман на целосно електричниот Zafira-e Life. Електричниот кампер во кој ќе можат да преспијат до четири лица со сите удобности ќе биде достапен од 2023 година.
Zafira-e Life Crosscamp Flex располага со пар предни седишта што се вртат за 180 степени, задна клупа што се претвора во брачен кревет и кревачки покрив со дополнителен брачен кревет. Кујната вклучува шпорет на гас, мијалник, фрижидер и шкафови за складирање, заедно со посебни контејнери за вода за пиење и отпадна вода.
Како и со стандардниот Zafira-e Life кој дебитираше во 2020 година, камперот е опремен со електричен мотор поставен напред кој произведува 136 КС и 260 Nm вртежен момент. Очекувано, користи поголема литиум-јонска батерија од 75 kWh, поставена на подот, која е доволна за опсег на движење од 322 километри. Оваа бројка според WLTP за редовното патничко комбе е 330 километри, па се чини дека дополнителната тежина на опремата за кампување не влијае многу на него. Со помош на брз полнач од 100 kW DC, батеријата може да се наполни до 80 проценти за 48 минути. Енергијата на главната батерија е резервирана за возење, па Opel додаде дополнителна батерија од 95 Ah за напојување на опремата.
Zafira-e Life Crosscamp Flex ќе биде прикажан во Caravan Salon во Дизелдорф, Германија помеѓу 26 август и 6 септември, пред неговото лансирање на пазарот во 2023 година. Opel не ги објави цените, но многу веројатно е дека ќе биде поскап од дизел верзијата чија цена е 45.999 евра во Германија.