Opel Manta GSe Elektromod ја доживеа својата премиера
Германската компанија Opel официјално го претстави својот уникат Manta GSe Elektromod по долгата тизер кампања
Уникатниот и единечен модел на Opel, ретро инспирираниот Manta GSe Elektromod ја доживеа својата премиера. Овој електричен автомобил е направен во чест на прославувањето на 50-годишнината на Opel Manta. Но, исто така го најавува и лансирањето на GSe подбрендот на компанијата за високоперформансни електрифицирани модели.
Новиот целосно електричен Manta GSe Elektromod е опишан како „првиот електричен рестомод“, опремен со модерни ЕВ компоненти под класичната силуета на компактното германско купе. Оригиналниот 1,6-литарси четирицилиндерски мотор тука е заменет со електромотор кој испорачува 147 КС и 225 Nm вртежен момент.
Сепак, Opel ја задржа оригиналната четиристепена мануелна трансмисија. Возачите менувачот можат да го користат и како автоматик со едноставно поставување во четврта брзина. Моќноста се извлекува од 31 kWh литиум-јонската батерија. Благодарение на ова новата Opel Manta GSe да има опсег на движење од 200 километри. Исто како и останатите електрични Opel модели, така и Tanta GSe Elektromod се одликува со регенеративно сопирање и 9 kW полнач, благодарение на кој целосното полнење на батеријата се врши за нешто помалку од четири часа.
Opel успеа да ги искомбинира своите најнови дизајнерски елементи во класичната форма на Manta GSe, а тука пред се се наоѓа новиот корпоративен изглед, како и Pixel-Vizor предницата која се протега низ целата должина на предницата. Станува збор за екран кој се користи за испраќање на пораки. Легендарните кружни задни светла сега се тридимензионални LED единици.
Овој уникат е финиширан во карактеристична жолта боја, во контраст со црната хауба, додека тркалата се специјално дизајнираните 17-инчни Ronal.
Ентериерот на новата Opel Manta GSe Elektromod исто така доби бенефит од унапредувањата. Тоа значи дека пред возачот се наоѓаат најновите дигитални екрани на компанијата наменети за инструменталниот кластер и инфозабавниот систем. Таканаречениот Pure Panel е сочинет од 12 и 10-инчни дигитални екрани насочени кон возачот. Како додаток на ова, Opel додаде висококвалитетен аудио-систем од Marshall.
Електричниот рестомод исто така добива и спортски седишта со жолта средишна линија кои нудат многу подобра поддршка и комфор од оригиналните. Трикракиот управувач е обновен и сега содржи жолт маркер на централната горна позиција, додека површината на контролната табла и панелите на вратата сега се во мат сива боја со цел да нудат контраст на жолтата и црната боја кои доминираат.
Opel Manta GSe Elektromod нема да биде последното нешто што ќе пристигне со GSe обележјето. Opel веќе работи на цел опсег на високоперформансни електрифицирани модели за во блиска иднина. Вклучително и хот хеч верзија на постоечката Corsa-e.