fbpx

Opel објави први фотографии од новата Astra

Новата генерација на Astra наскоро се очекува да пристигне, а во согласност со тоа германскиот производител Opel ги објави првите тизер фотографии

Три месеци по премиерата на Peugeot 308, на ред дојде уште еден популарен хечбек на Stellantis групацијата, а станува збор за Opel Astra. Новата генерација на Astra пристигнува со остри дизајнерски акценти, а германската марка го објави и изгледот на кабината, со што се потврдува драстичната промена во однос на актуелната генерација.

Стајлингот на екстериерот го следи пристапот кој Opel го направи кај новата генерација на Mokka, што значи слични Matrix LED светла заедно со новиот Vizor преден дел, додека на задниот дел ќе се најде името Astra на средината од задната врата.

Во внатрешноста главниот впечаток го остава поставката на двојниот екран во кој се сместени 12-инчниот целосно дигитален инструмент кластер, заедно со 10-инчниот екран на допир за инфозабавниот систем. Централниот екран е насочен кон возачот, а под истиот остануваат неколку традиционални копчиња за побрз пристап до основните функции на возилото. На самиот управувач се наоѓа и унапреденото лого на Opel кое беше претставено кон крајот на 2020 година.

Производството започнува подоцна оваа година

Кога станува збор за спецификациите, Opel не ги открива деталите за новата Astra, но потврдува дека ќе биде електрифицирана за прв пат откако моделот се најде на пазарот. Доколку го следи примерот на својот француски „роднина“ Peugeot 308, тогаш новата Astra би можела да пристигне во две plug-in хибридни верзии со електромотор од 81 kW и 12,4 kWh батерија во комбинација со бензински мотор кој испорачува или 150 или 180 КС, за вкупна моќност од 180, односно 225 КС.

Постојат најави и за високоперформансна електрифицирана OPC верзија со околу 300 КС и погон на сите четири тркала, но сето тоа е далеку од официјално во моментов, додека од друга страна сигурно е дека ќе пристигне попрактична Sports Tourer караван верзијa. Во меѓувреме, Opel најави дека ќе ја претстави новата Astra наскоро и ќе започне со производство во Раселхајм, Германија подоцна оваа година.

Поврзани вести

Back to top button