fbpx

Opel подготвува и кросовер варијанта за новата Astra

Германскиот производител се подготвува за претставувањето и лансирањето на новата генерација на својот најпопуларен модел Astra

Новата генерација на Astra наскоро ќе ја доживее својата премиера, откако Opel ја започна официјалната тизер кампања. Популарниот хечбек е исклучително важен модел за германската компанија и претставува еден од столбовите на брендот во Европа, особено на германскиот пазар.

Заедно со првите тизер фотографии, на кои се забележува дека новата Astra ќе го добие новиот корпоративен изглед на Opel, пред се новата и препознатлива Vizor предница, германскиот производител потврди дека новата генерација на нивниот модел ќе добие хечбек и караванска варијанта, но ако се верува на информациите на француските медиуми, Astra би можела да добие и кросовер издание.

Имено, веќе подолго време се најавува дека Peugeot подготвува кросовер издание на новиот 308 и ќе добие некои одлики на моделите од SUV сегментот. Од француската компанија засега не ги потврдуваат овие наводи.

Но, покрај ова, француските медиуми тврдат дека по Peugeot, и Opel ќе го примени истиот рецепт, па така и Astra би можела да добие свое кросовер издание. Станува збор за тренд кој во Европа е реткост, но станува се попопуларен, па некои од брендовите веќе имаат свој модел во хечбек и кросовер варијанта. Таков пример се Ford Focus и Ford Focus Active, односно Kia Ceed и Kia XCeed.

Новата генерација на Astra ќе ја доживее својата премиера оваа година, а крос изданието наводно би требало да биде прикажано во 2022 година.

Поврзани вести

Back to top button