fbpx

Opel премиерно ја откри новата генерација на Astra

Германскиот производител Opel ја претстави целосно новата, шеста генерација на својот бестселер Astra, која доаѓа со радикално променет изглед

Со целосно новата Astra, Opel отвара ново поглавје во својата историја со оглед на тоа дека моделот за првпат пристигнува со електрифициран погон. Новата Opel Astra ја споделува EMP2 платформата со останатите модели на Stellantis, вклучително и новиот Peugeot 308, а тоа значи неколку погонски опции. Имено, новата Astra пристигнува со две верзии на изведба како plug-in хибрид, а тука се и стандардните бензински и дизел мотори во комбинација со шестстепен мануелен и осумстепен автоматски менувач.

Она што е веднаш забележливо е новиот изглед на шестата генерација на Astra, кој е драстично променет во однос на досегашниот модел. Моделот се одликува со новиот корпоративен изглед на компанијата наречен Opel Vizor. На предниот дел се наоѓаат Matrix LED фарови кои се споени со сјајно црн панел, а во браникот се инкорпорирани мали магленки. Благодарение на промените на екстериерот, спортскиот модел со пет врати добива еден понизок изглед, но и уште поголем простор од претходно. Должината на новата Astra изнесува 4.374 милиметри, додека ширината е 1.860 милиметри. Значително е зголемено меѓуоскиното растојание во однос на претходно, па така сега истото изнесува 2.675, односно 13 милиметри повеќе од претходната генерација. Багажниот капацитет на хечбекот изнесува 422 литри.

Драстични промени во ентериерот

Значителни промени се направени и во кабината. Тука, како дел од новиот Pure Panel на Opel, се наоѓа 10-инчниот дигитален инструмент кластер и 10-инчниот инфозабавен екран со Human Machine Interface кориснички изглед кој доминира на контролната табла. Новата Astra исто така добива и уникатен трикрак управувач и се одликува со менувач инкорпориран во трансмисиониот тунел. Како опција купувачите можат да изберат и head-up екран и 360-степена камера.

Opel Astra

Кога станува збор за моторите, како базична верзија пристигнува 1,2-литарскиот турбо трицилиндричен бензинец достапен со 110 и 130 КС кој пристигнува стандардно со шестстепен мануелец, но купувачите можат да изберат и осумстепен автоматик.

Кога станува збор за plug-in хибридите, базичниот модел комбинира 1,6-литарски турбо четирицилиндричен бензинец со 150 КС и електромотор со 110 КС, со што се креира комбинирана моќност од 180 КС. Помоќниот PHEV го комбинира истиот електромотор со 1,6-литарски турбо четирицилиндричен мотор, но со 180 КС, а овој погонски склоп испорачува комбинирани 225 КС. Двата модели имаат целосно електричен опсег на движење од околу 50 километри, благодарение на 12,4 kWh литиум-јонската батерија.

Opel Astra

Цените за новата генерација на бестселерот на Opel допрва треба да бидат објавени, а повеќе детали околу почетокот на продажбата ќе следуваат наскоро.

Поврзани вести

Back to top button