Освежениот Audi Q5 со поостар дизајн и напредна технологија
Audi официјално го претстави освежениот Q5 SUV кој пристигнува со поостар дизајн во согласност со најновите модели и најновите технологии на брендот
Audi Q5 за моделската година 2021 пристигна во освежено руво, со најновите технологии и остар дизајн со кој се одликуваат најновите модели на германскиот производител. Унапредувањата ги вклучуваат и plug-in хибридниот Q5, како и перформансниот SQ5 модел. Кога станува збор за надворешноста, 2021 Audi Q5 ќе биде препознатлив благодарение на новите стандардни LED светла и задните светла кои имаат нова графика која се забележува кај новите Audi модели, заедно со динамичните покажувачи за насока.
Предните светла исто така може да се добијат со динамичните покажувачи за насока, доколку купувачот ја избере опцијата за matrix LED предни светла. За прв пат кај Q5, задните светла нудат OLED осветлувачка технологија како опција. Овој SUV исто така добива и потенка и поширока октагонална Singleframe решетка, како и повисоки странични отвори за воздух со спортски трапезоидни детали.
Audi исто такa воведе и две нови бои за Q5, а тоа се District Green и Ultra Blue, двете се нудат за Q5 PHEV и SQ5 варијантите. Исто така, нови се стандардните и достапни тркала, кои се движат од 18 инчи во основниот модел, до 21 инчи во SQ5.
Q5 45 TFSI моделот пристигнува стандарден со Advanced line екстериер, кој додава вертикални хромирани линии на решетката и сребрени акценти на предниот и задниот браник. Q5 plug-in хибридот доаѓа како стандарден со S line екстериер кој носи поспортска структура во Singleframe решетката и поагресивен дизајн на предниот и задниот дифузор. Кога станува збор за SQ5, тој нуди достапен Black Optic пакет со што се добива мат црни покривни шини, високо сјајни црни капачиња на ретровизорите и црни акценти во ентериерот, заедно со 20-инчните тркала во двобоен финиш.
Помодерен изглед, поголема моќност
Во внатрешноста, освежениот Audi Q5 пристигнува со 10,1-инчен MMI екран на допир поддржан од целосно новиот MIB 3 инфозабавниот систем кој може да се спои со достапниот 12,3-инчен виртуелен кокпит на Audi, плус инструмент кластерот. Интерфејсот за паметните телефони на Audi пристигнува како стандарден, со што се овозможува конективност со Apple CarPlay и Android Auto.
Кабината исто така се стекнува со нови навлаки од ореово дрво и кожен тапацир со контрастни шевови, како и стандардни елементи во сјајно црна боја. Исто така, SQ5 го добива како стандардно електронското подесување на управувачот. Како опција се нуди Bang & Olufsen аудио системот со 19 звучници.
Кога станува збор за погонот, тука нема многу промени. Plug-in хибридната варијанта повторно е достапна со две перформансни нивоа со 299 КС и 367 КС. Нивниот номинален домет исклучиво на струја се зголемува од околу 40 на речиси 50 километри. Дополнителниот број на километри најверојатно се резултат на унапредувањата на ефикасноста.
Како што ќе се наближи лансирањето на пазарот кон крајот на 2020, освежениот Audi Q5 ќе добие уште еден хибриден систем во понудата. Имено, 2.0 TDI моторот со 204 КС ќе добие блага хибридна технологија. Уште два 2,0-литарски дизел мотори со 136 и 163 КС ќе следуваат потоа. 3,0-литарскиот V6 TDI ќе ја заокружи понудата на дизел агрегатите. Бензинските мотори започнуваат со 2,0-литарскиот TFSI со 204 или 265 КС. Во суштина, четирицилиндричните мотори имаат 12-волтен систем, додека шестцилиндричните ќе добијат 48-волтна блага хибридизација. Четирицилиндричните мотори ќе бидат опремени со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка, додека осумстепениот Tiptronic ќе се најде кај шестцилиндричните мотори. Цената на освежениот Audi Q5 стартува од 48.700 евра.