Освежениот Lexus RZ дебитира со steer-by-wire технологија

Lexus веќе неколку години работи на steer-by-wire систем, но наместо да го пласира на пазарот брзо, ја искористи можноста да го усоврши до совршенство. Сега, со редизајнираниот Lexus RZ 2026, овој револуционерен систем конечно станува реалност. Покрај тоа, моделот дебитира и со симулирани брзини, што ветува повозбудливо возачко искуство.
Моќност и погонски опции
Основниот модел RZ 350e располага со еден електромотор на предната оска, кој произведува 224 КС (167 kW) и 269 Nm вртежен момент. Стандардно, сите варијанти се опремени со 77 kWh батерија, која му овозможува на RZ 350e досег од 575 километри според WLTP циклусот.
Lexus претстави и две помоќни изведби за ентузијастите. Првиот е RZ 500e и овој модел доаѓа со два електромотори и вкупно 375 КС (280 kW). Забрзува од 0-100 км/ч за 4,6 секунди, а досегот му е 500 километри со едно полнење. Над него се наоѓа RZ 550e F Sport кој всушност е и најдинамичната верзија со 402 КС (300 kW). Забрзува од 0-100 км/ч за само 4,4 секунди, но зголемената моќност резултира со намален досег од 450 километри.
Steer-by-Wire – револуционерно управување без физичка врска
Најголемата новина кај Lexus RZ 2026 е воведувањето на целосен steer-by-wire систем, кој го елиминира физичкиот контакт помеѓу воланот и тркалата. Наместо класичен управувач, возачите ќе користат јарем (yoke) управувач, додека променливите управувачки преноси овозможуваат прилагодливост на управувањето во зависност од брзината и условите на патот.
Lexus веќе тестираше прототип на овој систем во 2023 година, а сега е подготвен за масовна примена. Останува да се види како ќе биде прифатен од страна на возачите.
Симулирани менувачи – ново ниво на ангажираност при возењето
Покрај напредниот steer-by-wire, Lexus воведува и интерактивен мануелен режим (Interactive Manual Drive) со симулирани менувачи. Слично како кај Hyundai и Kia, оваа технологија користи вештачки менувања на брзини и симулирани звуци на моторот, за да понуди поспортско и позабавно возачко искуство. Lexus тврди дека овој систем „овозможува повозбудливо и поинтуитивно управување“.
Цените за Lexus RZ за моделската 2026 година сè уште не се потврдени, но европските купувачи ќе можат да направат нарачки во текот на 2025 година.