Oсвежениот Tiguan во салонот на Volkswagen
Volkswagen неодамна го освежи својот SUV знаменосец во поставата, моделот Tiguan, а истиот сега е достапен и на македонскиот пазар
Втората генерација на Volkswagen Tiguan минатата година доби свое освежување на средина од својот животен век, по што најдобро продаваниот производ на германската компанија доби неколку визуелни и технолошки унапредувања, а сето тоа можевме да го забележиме и ние кога се сретнавме со SUV знаменосецот на Volkswagen во продажниот салон во Скопје.
Освежениот Tiguan сега е достапен и на македонскиот пазар, а она што е веднаш воочливо е модифицираниот преде дел каде се наоѓаат стандардните LED светла кои наликуваат на оние кои се наоѓаат кај новиот Golf. Тука е и новата маска, која добива поспортски браник со понагласени отвори за воздух. На задниот дел модификациите се нешто помали, но забележливи се светлата со променета светлосна графика и натписот Tiguan кој се наоѓа под логото на Volkswagen, а се истакнува и променетиот браник.
Драстична промена на ентериерот
Внатрешноста исто така доби своја рестилизација и освежување, а Volkswagen го инсталираше и новиот мултифункционален управувач и поквалитетни материјли. Возачот пред себе ќе се сретне со нова дигитална инструмент табла, која се нуди во две различни димензии од 8 или 10,25 инчи, а тука е и најновиот инфозабавен систем MIB 13. Во конкретниот случај ние го забележавме Tiguan во R Line ниво на опременост кој пристигнува со поголемиот дигитален инструмент кластер, двозонски клима уред, контроли на допир, автоматски менувач, амбиентално осветлување, навигација, Harman/Kardon премиум аудио систем и многу други работи.
Tiguan R Line во нашата земја се нуди со 2,0-литарски бензин или дизел мотор, а вториот доаѓа во две варијанти, со 150 или 200 КС. Без оглед на тоа која верзија ќе се избере, 4Motion системот за погон на сите четири тркала пристигнува како стандарден, заедно со седумстепениот DSG автоматски менувач со двојна спојка. Зависно од нивото на опременост, цените варираат од 39.494 евра за базичниот VW Tiguan Life, до 52.937 евра за Tiguan R Line дизел верзијата со 200 КС.
За повеќе информации посетете го официјалниот сајт на Volkswagen во Македонија или продажниот салон во Скопје.