Pagani ја најави екстремната Huayra R
Италијанскиот производител Pagani објави тизер за престојната екстремна варијанта на Huayra со суфиксот R која ќе биде претставена на 12 ноември
Хорацио Пагани го потврди престојниот модел во видео кое беше споделено „онлајн“ со цел да се промовира Autostyle Design натпреварувањето кое вклучува дизајнери од различни производители на автомобили, вклучително и Maserati, Lamborghini и Ford. Во еден дел од видеото, поточно на временскиот интервал 37:04, Пагани кратко зборува и за Huayra R.
Според Пагани, Huayra R ќе се карактеризира со нов „атмосферски мотор направен специјално за оваа намена“. Ова може да се заклучи како големо изненадување, со оглед на тоа дека сите други Pagani Huayra варијанти се напојуваат со 6,0-литарски битурбо V12 мотор направен од AMG. Се уште е нејасно колку цилиндри ќе има моторот на Нuayra R.
Никакви други детали не се откриени за моделот, но во видеото имавме можност за еден брз поглед на Huayra R натписот на едно од тркалата на автомобилот.
Базирано на името на возилото, нормално е да се претпостави дека ова ќе биде „духовен“ наследник на Zonda R. Ако биде таков случајот, тогаш Huayra R најверојатно ќе биде ограничена за користење исклучиво на тркачките патеки и ќе содржи голем број на необични, нови аеродинамични делови, како што е специјален заден спојлер и масивен дифузер. Како и сите останати Huayra модели, така и во овој случај каросеријата ќе биде изработена од карбон. Zonda R имаше тежина од само 1.070 килограми и на Нирбургринг достигна време за еден круг од 6 минути и 47 секунди. По 13 години прогрес, речиси сигурно е дека Huayra R ќе има нешто подобро време.