Пекинг 2018: Buick со електричен концепт
Buick објави тизер на концептниот електричен SUV, кој ќе го претстави на автомобилскиот салон во Пекинг на крајот на месецов
Концептот го носи името Enspire и најнпаред ќе дебитира пред публиката на 17 април во „Ноќта на Buick” во Вужен, а потоа ќе биде прикажан и на салонот.
Од Buick засега нудат многу малку информации, истакнувајки само дека „Enspire користи глобалните ресурси на GM во областа на дизајнот и новите технологии”. Од сликата на задното стакло на SUV моделот засега тешко може да се прават какви и да е претпоставки, но веќе има аналитичари кои сметаат дека всушност Enspire е многу близок до сериско производство.
Buick е меѓу најпопуларните странски брендови во Кина и ако компанијата успее брзо да претстави електричен SUV, тоа ќе е рецепт за брз и импресивен успех. Овој модел ќе е специјално наменет за домашниот пазар, но GM веќе го користи името Enspire во САД од 2015 година. Ова едноставно се вклопува во стратегијата што ја најави за во иднина, извршниот директор на компанијата, Мари Бара.
Таа при претсавување на истата им презентираше на инвеститорите слајдови со досега непознат кросовер, кој беше без амблем, но е многу близу до она што сега го најавуваат од Buick. За него Бара објасни дека ќе „користи постоечка платформа за електрични возила, за да може таа да најде место во повеќе модели”.
Уште тогаш се појавија шпекулации дека тоа ќе е Buick Enspire, а исто така се претпоставуваше дека овој модел ќе е базиран на платформата на Chevrolet Bolt. GM планира да лансира 20 нови електрични модели до 2023 година, а целта е гигантот да продава по еден милион електромобили годишно до 2026. Buick е најпопуларниот бренд на GM во Кина, со 1,2 милиони продажби во 2017 година.