Peugeot 308 ја доби и својата SW караванска варијанта
По премиерата на новата генерација на хечбекот 308, францускиот производител ја претстави и караванската варијанта која го носи суфиксот SW
Peugeot и понатаму верува во караваните кои се натпреваруваат во C сегментот, а доказ за тоа е лансирањето на новата генерација на 308 SW, кој е попрактична верзија на хечбек моделот и постилска алтернатива на SUV моделите од C сегментот. Ова е вториот караван во поставата на француската марка, по 508 SW.
Новиот 308 SW е базиран на зголемена верзија на EMP2 платформата. Во споредба со хечбек верзијата, караванот е долг 4.640 милиметри, наместо 4.367, додека меѓуосовинското растојание изнесува 2.732 милиметри, или 55 милиметри повеќе во однос на хечбекот.
Кога станува збор за дизајнот, треба да се истакне рестилизираниот заден дел кој сега си одговара со агресивната предница и мускулестата каросерија. Тука се хоризонтално поставените тенки LED светла како и кај хечбекот, но го нема сјајниот црн елемент меѓу нив, туку добива нов интегриран спојлер, втор по оној поставен над задното стакло. Забележлив е и динамичниот заден браник со пластични заштитни облги, додека опаѓачката покривна линија нуди унапреден коефициент на воздушен отпор од 0.277.
Компактност и елеганција
Сепак, најважното нешто кај караванските модели е нивната практичност, а 308 SW одлично се снаоѓа на ова поле. Под електронски управуваната врата од багажникот се наоѓа простор од 608 литри, а подот може да се подесува на две нивоа. Просторот може да се зголеми до 1.634 литри ако се поклопат задните седишта и може да се направи доволно простор за пренесување предмети долги до 1.85 метри. Покрај ова, постојат и неколку простори за складирање низ кабината, како што е во централната конзола.
Футуристичката iCockpit контролна табла е иста како кај хечбекот и комбинира 10-инчен 3D дигитален инструмент кластер со 10-инчен екран на допир за инфозабавниот систем. Тука е и препознатливиот нов управувач на Peugeot, LED амбиенталното осветлување и опционалниот Focal Premium Hi-Fi систем со 10 звучници.
Peugeot 308 SW исто така ги добива и најновите возачки и системи за асистенција од Peugeot, а од средината на 2022 година ќе поддржува уште пософистициран полуавтономни возачки функции како дел од престојниот Drive Assist 2.0 пакетот.
Повеќе опции под хаубата
Кога станува збор за моторните опции, исто како и 308 хечбекот, така и SW верзијата ќе биде достапна со избор меѓу бензински, дизел и plug-in хибриден погон. Опсегот стартува со 1,2-литарскиот PureTech 130 и 1,5-литарскиот BlueHDi 130. Двата мотори испорачуваат 130 КС кои се испраќаат на предните тркала исклучиво преку осумстепен автоматски менувач.
Тука се и двете plug-in хибридни опции, Hybrid 180 и Hybrid 225. Двата комбинираат 1,6-литарски PureTech мотори кои испорачуваат 150, односно 180 КС со единечен електормотор со моќност од 110 КС. Ова произлегува со комбинирана моќност од 180 КС, односно 225 КС. Двата модели се одликуваат со 12,4 kWh литиум-јонска батерија која овозможува опсег на движење од 60 километри на исклучиво електрична енергија според WLTP протоколот, а батеријата може да се наполни за 1 час и 55 минути со опционалниот 7,4 kW полнач. Во хибридниот режим, комбинираната емисија на гасови почнува од 25-26 г/км.
Испораите за новиот 308 SW се очекува да започнат пред крајот на 2021 година во Европа, а засега се уште нема инофрмации околу цените.