fbpx

Peugeot 508 PSE официјално претставен

Peugeot за време на прославата на својата 210-годишнина официјално го претстави својот нов перформансен адут, моделот 508 PSE

На специјален дигитален настан, посветен на 210-тиот роденден на француската компанија, Peugeot го претстави својот перформансен plug-in хибриден адут кој е прво дело на новиот Peugeot Sport Engineered оддел, перформансниот plug-in хибриден модел 508 PSE. Со овој модел се лансира новиот оддел, но исто така е и најава за насочување кон перформансните електрифицирани модели, со што PSE дефинитивно ќе го замени досегашниот GTi.

Како прв во линијата на хибридизирани перформансни модели кои ќе бидат продавани под банерот на PSE, новиот 508 претставува технолошки претставник. Исто така пристигнува како своевидно загревање со оглед на тоа дека Peugeot се подготвува за враќање во врвниот мотоспорт со влегувањето на Le Mans во 2022 година.

508 PSE ќе пристигне во две каросериски изведби – караван и седан. Светло зелените акценти и сопирачки се еден вид потсетник на електрифицираната природа на перформансниот модел. Поставен на 20-инчни тркала, со сјајно црн дифузер и црни контрастни детали, 508 PЅE се издвојува во однос на стандардниот 508. Автомобилот ќе биде достапен во три бои – Perla Nera црна, Pearl White бела и Selenium Grey сива.

Најмоќниот Peugeot досега

Хибридниот погон на 508 PSE комбинира 197 КС 1,6-литарски турбо бензински четирицилиндричен мотор во комбинација со два електромотори – едниот со 109 КС поставен на предната осовина, а вториот поставен на задниот дел со 111 КС, со што се добива комбинирана моќност од 355 КС која се испорачува на сите четири тркала преку осумстепен автоматски менувач. Благодарение на ова, 508 PSE е најмоќниот Peugeot досега.

Оваа поставка овозможува спринтот до „стотка“ да се достигне за само 5,2 секунди, додека максималната брзина изнесува електронски ограничени 250 километри на час, додека работејќи исклучиво на струја може да достигне до 135 километри на час, при што автомобилот автоматски се префрла меѓу двата извори на моќност. Sport режимот ги става на располагање сите 355 КС, го подобрува управувањето, системот на потпирање и гаста за подиректно возачко искуство. Системот за погон на сите четири тркала може да се користи за максимално триење во лизгави околности. Со својата 11,5 kWh литиум-јонска батерија, новиот 508 PSE нуди опсег на движење користејќи исклучиво струја од 41 километар и ќе може да се наполни во целост за два часа користејќи 32-амперски приклучок.

508 PSE

Нова ера за Peugeot

Со оглед на тоа дека автомобилот добива неопходен хибриден хардвер, Peugeot 508 PSE тежи 1.850 килограми, додека караванската верзија е нешто потешка со 1.875 килограми. И покрај ова, на двата модели им се потребни само три секунди за да стигнат од 80 до 120 километри на час.

Кога станува збор за ентериерот, тука нема речиси никакви изненадувања во однос на стандардниот 508. Препознатливиот i-Cockpit и понатаму е тука со 10-инчниот инфозабавен екран со висока резолуција и карактеристичните „пијано“ физички контроли. Најочигледниот додаток се светло зелените шевови и специјалните графички прикази за дигиталната инструмент табла и централниот екран. Седиштата се прекриени со мешавина на кожа и Алкантара, а како стандарден дел од опремата тука Focal премиум аудио системот. Идните модели од Peugeot Sport Engineered се очекува да добијат исти стилски детали и значително помоќни погони во однос на стандардните модели на кои се базирани.

Новиот Peugeot 508 PSE ќе се најде во продажба во првата половина на следната година. По него се очекува да дојде и новиот 308 PSE кој најверојатно ќе пристигне во 2022 година со повеќе од 300 КС.

Исто така треба да се напомене дека покрај првиот автомобил на Peugeot Sport Engineered, од француската компанија ја најавија својата глобална офанзива која треба да започне во следните месеци, а моделите кои се препознатливи во Европа би требало да се најдат и на другите светски пазари.

Поврзани вести

Back to top button