Peugeot подготвува револуционерна премиера
На домашна сцена, на автосалонот во Париз во септември, француската компанија Peugeot ќе лансира „храбар" електричен прототип, откри генералниот директор, Жан-Филип Импарато, за Autocar
Според неговите зборови, ова ќе биде „ексклузивна и радикална” премиера. Тој се воздржува од детално објаснување, но веројатно се работи за прототип со електричен пренос. Еден од највпечатливите концепциски автомобили што Peugeot ги покажал во последно време секако е Instinct, кој блесна на минатогодишниот салон во Женева.
Автомобилот го отелотворува новиот концепт на „Интернет на нештата“, што подразбира негова целосна интеграција во социјалната средина. Instinct може да се поврзе со паметниот дом со паметен телефон, електронски часовник, домашен компјутер, буквално сите уреди и системи.
Благодарение на тоа автомобилот, на пример, сам може да ја затвори вратата од гаражата, да планира најбрз пат до работното место, да направи распоред на состаноците во календарот. На прво место, сепак, Instinct е направен за автономно управување, дури и има два режима на управување – бавен и спортски. Автомобилот е контролиран со гласовни команди и гестови. Во рачната контрола постојат и два режими: Drive Boost и Drive Relax. Задвижувањето е преку хибриден систем од 300 КС.
Во исто време Шигенобу Нагамори и Карлос Таварес, главни извршни директори на Nidec и PSA Group, одобрија формирањето на Nidec-PSA emotors – новата заедничка компанија на Nidec Leroy-Somer и PSA Group, што ќе проектира, развива, произведува и продава електромотори.
Четириесет инженери веќе се ангажирани и се приклучија на заедничката компанија во Carrier-sur-Poissy во близина на Париз. До крајот на летото, се очекува уште 30 да се приклучат на оваа единица, каде што е формирана посебна област за истражување и развој. Тие ќе дизајнираат нови електромотори кои ќе се произведуваат во фабриката во Тремери и ќе бидат интегрирани во меки хибридни електрични и Plug-in хибридни автомобили.