Peugeot за сите нови модели ќе нуди и перформансна верзија
Францускиот производител Peugeot потврди дека сите нови модели на брендот во иднина ќе добијат и свои високо перформансни варијанти
Peugeot сака да го прошири својот опсег на автомобили во престојните години, а за време на интервјуто со Auto Express, извршниот директор на брендот Жан Филип Импарато, откри кои се неговите планови во врска со тоа.
„Сакам да имам некое големо лансирање секоја година и во секој регион. Тоа ќе се случи во 2021 година и веќе имаме нешто ново подготвено за март. Потоа ќе работам на следниот чекор за поставата на Peugeot во 2023 година. Секогаш сум за тоа да се обновува поставата со цел да се достигне стратегијата за едно лансирање годишно“, вели Импарато, по што потврди дека лансирањето на 508 Peugeot Sport Engineered ќе го одбележи почетокот на едни нови возбудливи перформансни возила.
„Со секој автомобил кој ќе пристигне, почнувајќи со 508, имам за цел да направиме и перформансна/спортска верзија на тој модел. Ќе почнеме со лансирањето на 508 Peugeot Sport Engineered со цел да испратиме порака до пазарот. Сакаме да испратиме порака дека електричната транзиција не мора да биде досадна – сакаме да имаме забава дури и ако имаме CO2 емисија под 50 грами“.
Peugeot 508 PSE plug-in хибридниот модел се карактеризира со 1,6-литарски мотор во комбинација со два електромотори, по еден на секоја осовина, кои заедно испорачуваат 360 КС и 520 Nm максимален вртежен момент. Автомобилот исто така се одликува со осумстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала.
Најавите за спортски и перформансни Рeugeot модели пристигнуваат неколку дена по официјалното спојување на PSA и FCA. Двете компании сега заедно ќе работат под името Stellantis, со што Peugeot сега се наоѓа во друштва на 12 други брендови. Ова спојување воедно ги засилува плановите на Peugeot за враќање на американскиот пазар.