Polestar 2 започна со производство во Кина
Во кинеската провинција Жежанг официјално започна сериското производство на целосно електричниот Polestar 2 и покрај пандемијата на коронавирусот
Во Кина, каде што овој смртоносен вирус првично се појави, работите полека стивнуваат и компаниите полека се враќаат во својата секојдневна рутина. Некои како Polestar одат и чекор понатаму, па така филијалата на Volvo започнува со производство на новиот модел Polestar 2, што е јасен знак дека најголемите проблеми се пребродени.
Polestar 2 првично претставен кон почетокот на 2019 година, од оваа недела влегува во производство во фабриката Лучао, а испораките се предвидени за Европа, Кина и Северна Америка. Првата верзија која се најде на производните ленти е Polestar 2 Launch Edition кој стартува со цена од 63.000 долари. На врвот на понудата е верзијата со два електромотори и 408 КС, батерии од 78 kWh и автономија од 442 километри, при што забрзувањето од нула до „стотка“ изнесува помалку од пет секунди. Подоцна се очекува и базната верзија која ќе има само еден електромотор.
„Светот се соочува со голем пресврт по пандемијата на коронавирусот. Започнуваме со производство во овие предизвикувачки околности, со силен фокус на здравјето и безбедноста на луѓето. Ова е големо достигнување, резултат на огромни напори на персоналот и тимот кој го обезбедува ланецот на снабдување. Имам огромна почит за целиот тим, им благодарам“, изјави шефот на Polestar, Томас Ингенлат.
Polestar 2 се смета за сериозен конкурент на Tesla Model 3, се произведува во фабриката на Volvo во Кина, а шведската компанија презеде сериозна низа на заштитни мерки со цел да обезбеди непречна работа на својот погон во провинцијата Жежанг. Брендот Polestar е во сопственост на кинеската компанија Geely, исто како и Volvo. Освен моделот Polestar 2, во истата фабрика се произведува и првиот електричен автомобил на Volvo, SUV моделот XC40 Recharge.