fbpx

Полска Izera ги претстави своите прототипи кои ќе пристигнат во 2023

Полска е еден од најголемите производители на автомобили, но на земјата и недостасува сопствен бренд. Сепак, сето тоа наскоро ќе се промени со Izera

ElectroMobility Poland, полската групација со државна поддршка е оформена во 2016 година, ќе го реши проблемот со недостатокот на домашен полски бренд. Тука на сцената стапува Izera, новата марка наречена по Изера планината во југоисточна Полска. Минатата недела ElectroMobility Poland ги претстави двата електрични прототипи – SUV и хечбек со кодно име Z100 и Т100.

Целта е двата модели да влезат во производство во 2023 година, остварувајќи ја идејата за полски електричен автомобил. Кога двете електрични возила ќе влезат во производство, тие најверојатно ќе се карактеризираат со некои промени во однос на прототипите, иако извршниот директор на ElectroMobility Poland Пјотр Заремба вели дека продукциските модели „ќе го задржат карактерот на презентираните возила“.

Двете возила ветуваат интересни спецификации. Спринтот до „стотка“ треба да се достигнува за 8 секунди, додека автономијата на движење изнесува 400 километри. Izera планира да понуди две батерии компатибилни со домашни, како и со брзи полначи.

Засега, деталите околу архитектурата на возилата остануваат тајна. Сепак, од ElectroMobility Poland вели дека во моментов се одвиваат завршните преговори за купување на платформа од германската EDAG Engineering. Полската компанија тврди дека електричните возила на Izera ќе имаат модерни технолошки карактеристики како специјализирана апликација за паметен телефон, целосно LED осветлување, LCD екран на допир со висока резолуција, предупредување за предни судири, електронска контрола за стабилност, детекција за слепа точка, препознавање на сообраќајни знаци и многу друго.

Уште еден важен партнер на Izera e италијанското стилско студио Torino Design. Целта е да се создадат пространи возила со оглед на тоа дека Izera сака да се позиционира како семеен бренд. Поради тоа SUV моделот и хечбекот имаат продолжено меѓуосовинско растојание.

Izera

Амбициите на Izera не се ограничени само на Полска, со оглед на тоа дека брендот сака да ги продава своите електрични автомобили во останатите европски земји. Секако, на крајот само времето ќе покаже што од сето ова ќе се реализира.

Поврзани вести

Back to top button