Полска со сопствени електрични автомобили
Со здружување на четири државни енергетски компании, Полска ќе изгради сопствена марка на електрични возила, наменети за домашниот пазар
Полската компанија ElectroMobility Poland го најави развојот на три верзии на компактен електричен автомобил, со помош на заедничкото вложување на четири државни енергетски компании Tauron, Enea, Energa и PGE. Наменети за домашниот пазар, првите верзии на електричните модели ќе бидат објавени во 2022 или 2023 година.
Претседателот на ElectroMobility Poland, Пјотр Заремба, изјави дека компанијата одлучила да проектира е-платформа на која ќе се базираат трите верзии на компактниот електричен автомобил, кој ќе биде дел од Ц-сегментот.
Целта е да се достигне голема профитабилност преку обемот на прозиводството, кое се очекува да ја зајакне економијата на државата. За почеток ова би значело 100.000, а потоа и до 200.000 електрични возила на годишно ниво. Исто така, постои можноста нешто подоцна идните електрични автомобили да се продаваат и надвор од Полска.
Компанијата планира да распредели производни погони на неколку локации, кои би требало да бидат подготвени за работа во следните две до три години. Вредноста на вкупните инвестиции во проширувањето на производните капацитети се проценува на околу 2 милијарди злоти, односно околу 460.000 милиони евра.
Полска исто така, ја вклучува и германската компанија EDAG во процесот на развој на електрични возила. Заремба смета дека бројката од 20 сериски модели на пазарот во изминатите пет години, дава одлична сигурност дека EDAG значително ќе придонесе кон техничкиот квалитет на нивните производи.
Компанијата ElectroMobility Poland има сопственост од 25% во четирите енергетски компании PGE, Energa, Enea и Tauron. Заедничкото вложување кое започнато во 2016 година, претставува дел од државната иницијатива за промовирање на електричната мобилност во земјата, со која полската влада има намера да стави вкупно 1 милион електрични возила на патиштата до 2025 година.